Меридијани

30

Кабул – Патнички авион со повеќе од 80 лица се урнал и се запалил во Авганистан, во областа што ја контролираат талибанците. Авионoт на националната компанија „Аријана Авган ерлајнс“ се урнал во планинскиот предел Дех Јак во источната провинција Газни, додека летал од Кабул кон Херат. Судбината на патниците сè уште не е позната.

Багдад – Најмалку три лица се ранети во ракетниот напад врз американската амбасада во Багдад. Од петте истрелани ракети, три паднале директно врз зградата на амбасадата. Една од нив паднала на кантината, каде што во тој момент имало вечера. Ова е втор напад врз амбасадата во изминатите седум дена, но ова е првпат ракета да падне директно врз објектот. По најновиот инцидент, САД го повикаа Ирак да ги заштити американските дипломатски објекти.

Глазгов – Лидерката на Шкотската национална партија Никола Старџан планира да воведе „шкотска виза“ во обид да ја поттикне миграцијата, што ќе биде ограничена со прекинот на слободата на движење по брегзит. Планот на Старџан треба да се справи со „депопулацијата“ и идниот претпоставен недостиг од квалификувана работна сила и ќе биде темелен на планот за миграција на Австралија и на Канада. Според шкотската влада, растот на населението во овој дел од британскиот остров во следните 25 години во извесен степен ќе зависи од миграцијата.

Москва – Официјален Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин не добил покана да учествува во одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау. На вчерашната комеморација беше предвидено да учествуваат претставници од 54 земји од целиот свет, вклучувајќи неколку претседатели, премиери, претседатели на парламенти, министри, меѓународни организации, како и околу 200 преживеани. Меморијалниот центар „Аушвиц“ соопшти дека не праќал покани, туку само ги информирал сите држави за настанот и ги повикал сами да изберат кој ќе ги претставува на комеморацијата.