Меридијани

36

Канбера – Тројца Американци загинаа кога се урна канадски авион цистерна, кој помагал во гаснење пожар во Австралија. Австралиските власти соопштија дека авионот „херкулес Ц-130“ се урнал еден час по полетувањето од воената база Ричмонд во регионот Сноу Монаро, јужно од главниот град Канбера. Причината за несреќата сè уште не е позната.

Лондон – Британскиот парламент го одобри договорот за брегзит, со што конечно е отворен патот на Британија за напуштање на Европската Унија. Како што претходно беше договорено, Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари. Текстот што ги регулира условите на разидувањето и за кој со Брисел преговараше со конзервативниот премиер Борис Џонсон, кралицата Елизабета Втора треба да го потпише, веројатно, уште денес, со што тој ќе стане закон.

Рим – Италијанскиот премиер Џузепе Конте го откажа планираното патување на светскиот економски самит во Давос, еден ден по поднесувањето оставка од функцијата на Луиџи ди Мајо, лидер на Движењето пет ѕвезди, најголемата партија во коалициската влада. Кабинетот на италијанскиот премиер не ги наведе причините поради кои патувањето во Давос е откажано, но изјави дека Конте останува во Рим да работи на итни прашања.

Техеран – Иранскиот претседател Хасан Рохани порача дека Иран никогаш нема да развие нуклеарно оружје, со нуклеарен договор или без него. Тој ги повика европските држави да не го следат Вашингтон, кој се повлече од договорот потпишан во 2015 година. Рохани ги предупреди европските сили дека ќе бидат одговорни за последиците од кршењето на договорот. Откако Вашингтон се повлече од договорот и ги врати санкциите, Иран полека почна да ги напушта обврските преземени со договорот. Франција, Британија и Германија неодамна го активираа механизмот за решавање спорови предвиден со договорот, откако Техеран продолжи да го зголемува производството на збогатен ураниум.