Меридијани

26

Стразбур – Шпанската крајно десничарска партија Вокс соопшти дека го тужи Европскиот парламент затоа што ги признал каталонските сепаратистички лидери Карлос Пуџдемон и Тони Комин како европратеници. Лидерот на Вокс, Сантијаго Абаскал, порача дека Давид Сасоли, претседателот на Европарламентот, ја пречекорил власта со потврдата на нивниот избор и со тоа што им дозволил да ги заземат своите места во парламентот во Стразбур. Европскиот суд на правдата во декември пресуди дека членовите на Европарламентот имаат имунитет од моментот кога тие официјално се избрани, што доведе до тоа Пуџдемон и Комин да бидат признаени како полноправни членови на парламентот.

Исламабад – Најмалку 132 лица загинаа во Пакистан и во Авганистан, како резултат на големите врнежи на снег и дожд и на поплавите што погодија повеќе области во двете земји. Во Пакистан загинале најмалку 93 лица, а голем број жители се сметаат за исчезнати, додека, пак, во Авганистан загинале 39 лица, а 60 се повредени. Пакистанскиот Кашмир претрпе најтешки последици, со 62 мртви и 53 повредени. Метеоролозите најавија продолжување на невремето и во наредните денови.

Мадрид – Најмалку две лица загинаа, а десет се повредени, од кои три потешко, во силна експлозија во хемиска фабрика во североисточна Шпанија. Лицата загинале кога една зграда се урнала, откако била погодена од воздушен бран предизвикан од експлозија во фабриката во областа Тарагона. Властите наредија населението да остане во своите домови со затворени прозорци, иако засега нема податоци дека воздухот е загаден. Сè уште не е позната причината за експлозијата.