меридијани

27

Каракас – Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гваидо и пратениците што го поддржуваат влегоа во парламентот, каде што тој положи заклетва како самопрогласен привремен претседател на институцијата. Откако го пробиле силното обезбедување пред зградата, тој и неговите приврзаници почнале да ја пеат венецуелската химна. Набргу потоа во зградата снемало струја, но пратениците продолжиле да викаат во микрофоните што не функционирале, прогласувајќи го Гваидо за претседател на парламентот. Пред неколку дена, Луис Пара, ривал на Гваидо, се прогласи за претседател на парламентот во Венецуела.

Стокхолм – Шведскиот гигант за мебел „Икеа“ се согласи да им плати 46 милиони американски долари на родителите чие дете беше убиено кога мал шкаф со фиоки паднал врз него. Јосеф Дудек (2) почина во мај 2017 година, кога бил соборен од фиоките во нивниот семеен дом во Калифорнија. Парчето мебел, кое тежело околу 32 килограма, било повлечено една година претходно поради загриженост откако биле убиени три други деца. Семејството исто така кажа дека ќе донира еден милион долари за групи што работат за заштита на децата од опасни продукти.

Мадрид – Лидерот на шпанските социјалисти Педро Санчез ја положи свечената заклетва како премиер на Шпанија, еден ден откако неговиот предлог за формирање коалиција беше изгласан во парламентот. Санчез ја положи заклетвата пред шпанскиот крал Филип Шести, а новите членови на Владата ќе ги претстави наредната седмица. Во составот на новата влада ќе бидат и членови на партијата Обединети можеме, чиј лидер Пабло Иглесијас ќе биде вицепремиер.

Истанбул – Рускиот и турскиот претседател Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган вчера остварија средба во Истанбул. Средбата беше затворена за јавноста, а Кремљ претходно објави дека на неа ќе се разговара за натамошниот развој на соработката меѓу двете земји, како и за големи меѓународни прашања, вклучувајќи ја и ситуацијата во Сирија и во Либија. Путин е во посета на Истанбул, каде што ќе присуствува на свеченоста по повод пуштањето во употреба на дел од гасоводот „Турски тек“.