Меридијани

24

Тел Авив – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е обвинет за корупција во неколку случаи, побара имунитет од израелскиот парламент. Претходно Нетанјаху најави дека од парламентот ќе побара имунитет „во рамките на законот“ за да може да продолжи да ја врши својата должност. Тој во ноември беше обвинет за мито, измама и кршење на довербата. Во Израел околу една година на власт е преодна влада откако двапати по парламентарните избори никој не доби доволно мнозинство. Ова е првпат во историјата на Израел да има на функција премиер кој е обвинет.

Виена – Конзервативната партија на австрискиот премиер Себастијан Курц и Зелените постигнаа договор за коалиција. Во согласност со договорот, Курц повторно треба да биде канцелар, а Партијата на зелените првпат влегува во сојузна влада во Австрија. Договорот за коалиција мора да биде одобрен на конгрес на Зелените, кој ќе биде одржан в сабота, а за да биде прифатен, за него треба да гласаат над 50 проценти од делегатите.

Сиднеј – Властите во Нов Јужен Велс прогласија вонредна состојба, во траење од седум дена, како одговор на ескалирачката криза со шумските пожари. Илјадници лица се евакуираат од популарните туристички места во Нов Јужен Велс, додека, пак, австралиската војска се подготвува на евакуирање на околу 4.000 лица заробени од пожарите во соседната држава Викторија.

Москва – Компаниите кои се цел на западните санкции ќе имаат можност да ги понудат своите обврзници, бидејќи Русија планира годинава да создаде специјална берза за да ги зајакне своите национални пазари на капитал. Најмалку две руски компании веќе објавија дека би сакале да тргуваат на берзата. Новосоздадената берза за санкционирани компании нема да работи на ист начин како класичната берза, а платформата е поставена да работи само во зоната на рубљата, привлекувајќи ги оние кои сакаат да инвестираат во фирмите преку специјално создадена инфраструктура и помагајќи им на компаниите да добијат дополнително финансирање.