Меридијани

27

Москва – Русија и Украина ја спроведоа последната фаза од размената на заробеници, што треба да стави крај на пет години долгиот воен конфликт. Оваа размена беше договорена на состанокот помеѓу претседателите Владимир Путин и Володимир Зеленски во Париз овој месец и треба да ги подобри односите помеѓу двете земји. Како што претходно беше соопштено, Украина требаше да предаде 87 бунтовници, а за возврат ќе добие 55 борци. Размената беше спроведена на контролна точка во близината на индустрискиот град Горливка во регионот на Донецк.

Дака – Најмалку 50 луѓе починале од последици од зимата во Бангладеш, додека ладниот бран и понатаму трае низ целата земја. Болниците се преполни со луѓе со заболувања предизвикани од долготраен студ, како што се грип, дехидрираност и пневмонија. Најтешко се погодени сиромашните, како и децата и старите лица. Метеоролозите соопштија дека студеното време, невообичаено за земјата, ќе трае уште неколку дена.

Монтевидео – Уругвајските власти заплениja рекордни шест тони кокаин во две акции и тврдат дека со ова е нанесен најголемиот удар за шверцерите на дрога во историјата на земјата. Уличната вредност на запленетата дрога се проценува на 1,3 милијарда долари. Уругвај сè повеќе се користи како транзитна маршрута за трансфер на дрога од Јужна Америка во Африка и Европа.

Вашингтон – Американскиот Стејт департмент предупреди дека гасоводот „Северен тек 2“ е средство што Русија го користи за да ја продолжи непрекинатата агресија врз Украина, која сака да ја спречи што повеќе да се интегрира со Европа и во САД. Во извештајот на Стејт департментот се наведува дека „Северен тек 2“ би помогнал да се зачува значителната зависност на Европа од рускиот природен гас, со што европските партнери и сојузници на САД се изложуваат на економска и политичка ранливост. Стејт департментот заклучува дека ќе се раководи буквално според новиот закон за трошоците за националната одбрана, кој на државниот секретар му дава рок до 60 дена да поднесе извештај во Конгресот за идентификација на ентитетите, кои го кршат тој закон.