Меридијани

69

Острава – Напаѓач уби шест лица вчераутро во болница во чешкиот град Острава, по што избега со автомобил и се самоуби. Полицијата ја евакуираше болницата, објави фотографии од напаѓачот и спроведе масовна потрага по него, а подоцна соопшти дека се самоубил. Според директорот на болницата, напаѓачот, за кого се верува дека е пациент, со пиштол убил четворица мажи и две жени и ранил уште три други лица, од кои две се во критична состојба. Сите застрелани биле пациенти. Сѐ уште е непознат мотивот за нападот во градот Острава, кој се наоѓа на 300 километри источно од Прага.

Сантјаго – Воен транспортен авион „ц-130 херкулес“ со 38 лица вчера исчезна од радарите на пат кон Антарктикот. Армијата на Чиле подоцна соопшти дека леталото се урнало и дека спроведува спасувачка акција. Меѓу исчезнатите се 17 члена на екипажот и 21 патник, кои требало да обезбедат логистичка поддршка за воена база на Антарктикот.

Сиднеј – Густ чад од пожарите во Австралија предизвика хаос во Сиднеј, драматично зголемувајќи го загадувањето на воздухот. Чадот ги преполни болниците со пациенти со проблеми со дишењето, а предизвика и блокади во сообраќајот и масовни евакуации. На улиците се забележуваат илјадници луѓе со маски, кои се жалат дека се задушуваат и велат дека ситуацијата е апокалиптична.

Бангалор – Властите на јужниот индиски град Бангалор се обидуваат на иновативен начин да се справат со несовесните возачи, поставувајќи кукли облечени во униформи на сообраќајци на најпрометните делови од градот. Бангалор е дом на индиската информатичка технологија и има осум милиони регистрирани возила. Камерите дневно регистрираат по 20.000 прекршоци.