Меридијани

24

Валета – Полицијата на Малта го уапси најпознатиот бизнисмен во земјата, Јорген Фенеч, во рамките на истрагата за убиството на новинарката Дафне Карун-Галиција. Фенеч бил уапсен на неговата јахта, осум километри северно од Валета. Полициската акција следуваше откако властите соопштија дека ќе го помилуваат човекот што е осомничен дека посредувал во убиството за Карун-Галиција доколку признае кој е нарачател на убиството. Новинарката беше убиена во Валета во 2017 година, откако под нејзиниот автомобил беше поставен експлозив. За нејзиното убиство досега се осомничени три лица.

Пекинг – Кина остро го осуди предлог-законот што едногласно го усвои американскиот Сенат, а со кој се повикува на заштита на човековите права во Хонгконг по ударот на кинеските власти на продемократското движење во оваа кинеска автономна територија. Кинеските власти порачаа дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за заштита на суверенитетот и безбедноста на земјата.

Вашингтон – Пентагон предупреди дека и покрај повеќедецениските меѓународни санкции, Иран успеал да развие најпрецизни и најефиксни ракети во изминатите години и неговата балистичка програма е најсилна на Блискиот Исток, пред Израел. Во извештајот на Пентагон се наведува дека поради недостигот од модерни воздухопловни сили, Иран ги развил своите балистички ракети, вклучувајќи ги и тие со голем дострел, за да ги одврати непријателите од напади. Техеран има најголем број ракети на Блискиот Исток и голем број ракети со многу краток дострел, краток дострел и среден дострел, кои можат да погодат цели во целиот регион до 2.000 километри оддалеченост.

Берлин – Синот на поранешниот германски претседател Рихард фон Вајцзекер бил убиен откако 57-годишен напаѓач го избол до смрт во текот на предавање во болницата во која бил вработен. Фриц фон Вајцзекер починал на самото место, додека напаѓачот веднаш бил уапсен. Во инцидентот било рането уште едно лице, кое застанало помеѓу напаѓачот и Фриц Вајцзекер.