Меридијани

51

Пјонгјанг – Властите во Северна Кореја изјавија дека немаат причина да му овозможат на американскиот претседател Доналд Трамп нов самит „со кој ќе се фали“, ако за возврат не добијат ништо суштинско. Одговорот е реакција на твитот на Трамп во кој тој го брани својот ривал Џо Бајден од нападите на Пјонгјанг дека е „бесно куче“. Трамп твитот наменет за севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун го заврши со пораката: „Се гледаме наскоро“. Ким деновиве надгледуваше две вежби откако САД и Јужна Кореја ги одложија нивните.

Москва – Русија ѝ ги предаде на Украина трите брода што ѝ ги заплени лани, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија. Известувачот на Ројтерс од Крим јави дека бродовите биле извлечени низ Керчкиот теснец кон Црно Море за да им бидат предадени на Украинците. Киев побара нивно враќање како гест на добра волја пред самитот за источна Украина наредниот месец во Париз.

Тулуз – Едно 15-годишно девојче настрада вчера при уривање висечки мост над река во југозападна Франција, кога автомобил и камион паднале во водата. Четири лица се спасени, но се стравува од повеќе жртви при падот на мостот северно од Тулуз, соопшти локалната противпожарна служба.

Хонгконг – Повеќе демонстранти вчера беа уапсени додека се обидуваа да избегаат од Политехничкиот универзитет, кој е опколен од полицијата. Група лица се обидоа да го напуштат универзитетот, но беа пречекани со солзавец и гумени куршуми од полицијата. Универзитетот се претвори во бојно поле меѓу демонстрантите и полицијата за време на повеќемесечните антивладини протести.

Виена – Претседателот на Исламската верска заедница во Австрија Имит Вурал вели дека сака да има по една голема џамија во секоја австриска покраина. Би требало најмалку во секоја австриска покраина да има џамија со седиште на Исламска верска заедница, порача тој во интервју за „Пресе“.