Меридијани

26

Анкара – Турција почна со репатријација на заробените џихадисти на Исламската држава. Турското МНР потврди дека е депортиран еден американски џихадист, и оти наскоро ќе бидат депортирани уште седум Германци. Турција планира да врати околу 2.500 џихадисти, од кои повеќето ќе бидат испратени во земјите на Европската Унија.

Хонгконг – Насилството на уличните протести во Хонгконг дополнително ескалира, при што потешко се ранети најмалку две лица. Во првиот инцидент, група демонстранти запалиле повозрасен маж, кој бил примен во болница во критична состојба. Претходно во медиумите се појавија видеоснимки од друг инцидент, во кој полицаец пука во 21-годишно момче за време на конфронтација со демонстрантите, кои ги блокирале метрото и градските улици.

Москва – Русија изрази загриженост од развојот на настаните во Боливија, каде што претседателот Ево Моралес поднесе оставка по притисокот од високи воени кругови и по масовните улични демонстрации. Руското МНР соопшти дека подготвеноста на боливиската влада да бара решение низ дијалог е отфрлена со настаните што потсетуваат на исцениран државен удар. Претходно, командантот на вооружените сили на Боливија рече дека војската му сугерирала на претседателот Моралес да поднесе оставка, за да им помогне да се обезбеди стабилност во државата, а тоа го побараа и опозицијата и синдикатите.

Сиднеј – Властите во австралиските држави Квинсленд и Нов Јужен Велс прогласија вонредна состојба поради големите шумски пожари што избувнаа во текот на викендот. Во огнените стихии досега се уништени над 150 дома, а затворени се 350 училишта. Според полициски избори, најмалку три лица го загубиле животот како последица на пожарите.