Меридијани

85

Прага – Војниците и пожарникарите започнаа со расчистување на остатоците по реткото и смртоносно торнадо во Чешка. Напорите за расчистување во областа Јужна Моравија вклучија и прегледи на зградите за да се утврди дали тие треба да бидат урнати. Најмалку пет лица загинаа, а околу 200 беа повредени во торнадото што помина низ седум села во југоисточниот округ на 24 јуни, проследено со град со големина на тениско топче. Торнадото беше со брзина на ветер од 300 до 400 километри на час.

Вашингтон – Поранешниот американски претседател Доналд Трамп викендов одржа митинг во Охајо, прв по смртоносниот напад на неговите приврзаници врз Капитол, кој има цел да го зацврсти неговото влијание врз Републиканската партија. Со митингот се означува и почетокот на неговите јавни настани на кои ќе ги напаѓа избраните републиканци за кои смета дека го изневериле. Трамп ќе води негативна кампања против 10-те републиканци што гласаа за негов импичмент.

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повтори дека датумот на следните избори ќе биде во 2023 година со што ги демантираше гласините за можно предвремено гласање. Тој порача дека ќе продолжат да ги поддржуваат независноста, интересите, правата на народот и на сите пријатели. Според него, изборите во 2023 година претставуваат најкритична пресвртница во однос на синхронизирање на стандардите на земјата со визијата за 2053 година.

Москва – Русија соопшти дека е забележано рекордно ниво на смртност како последица на ковид-19. Во изминатите 24 часа починале 619 пациенти. Темпото на нови случаи, исто така, скокнало двојно повисоко ниво од почетокот на овој месец, со 21.665 потврдени инфекции за еден ден. Најголема смртност претходно беше регистрирана вчера. Руската неподготвеност за вакцинација ги зголеми стравувањата што го придружуваат неодамнешниот наплив на пандемијата. Претседателот Владимир Путин на состанокот со руските пратеници на 21 јуни рече дека „за жал, заканата од коронавирусот сѐ уште не е завршена“.