Меридијани

22

УНИЦЕФ – Поради пандемијата на коронавирусот и карантинските мерки уште 150 милиони деца во светот се погодени од сиромаштијата, според анализите што ги објави УНИЦЕФ.
Од почетокот на пандемијата е забележан 15-процентен раст на бројот на децата што живеат во немаштија во државите со средни и со ниски примања. Со тоа вкупниот број се зголемил на околу 1,2 милијарда деца.
– Она што најмногу нѐ загрижува е што сме поблиску до почетокот на оваа криза отколку до нејзиниот крај – истакнува извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе.

Франција – Групата на Републиката во движење (ЛРЕМ), партијата создадена од претседателот Емануел Макрон, во Националното собрание го регистрираше 40-то заминување од почетокот на мандатот. Пратеникот Беноа Потери одлучи да ѝ се приклучи на групата Ажир, која ги обединува десноцентристичките пратеници од мнозинството. Беноа Потери посочува дека тој претпочита да работи во помала парламентарна група каде што „неговиот глас се слуша“ и каде што има „повеќе време да зборува“.

ООН – Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, го нарече коронавирусот глобална закана број еден, пренесува ТАСС.
– Вирусот е глобална безбедносна закана број еден во нашиот свет денес. Во мојот говор пред Генералното собрание во вторник ќе упатам апел до меѓународната заедница да ги мобилизира сите напори глобалниот прекин на огнот да стане реалност до крајот на годината. Наскоро ќе ја поминеме најмрачната пресвртница: еден милион животи загубени од вирусот. Епидемијата е надвор од контрола – истакна тој.

Германија – Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер се извини за дискриминацијата на хомосексуалците што служеле војска до промената на политиката во 2000 година. Во студијата нарачана од Министерството за одбрана е документирана „систематската дискриминација“ во германската армија од 1955 година до почетокот на новиот милениум, и тоа во војската на поранешна Западна Германија и во војската на повторно обединетата Германија од 1990 година.