Меридијани

73

Будимпешта – Унгарија потпиша изјава за намера да купи ракети за противвоздушна одбрана од САД за околу милијарда долари. Како што пренесува „Ројтерс“, американската амбасада во Будимпешта го опиша договорот како „најголема унгарска набавка во одбраната од САД до денес“. Министерството за одбрана на Унгарија, членка на НАТО, соопшти дека договорот вклучува набавка на ракети воздух – воздух и земја – воздух.

Берлин – На станиците за тестирање на германските автопатишта, најголем процент од заразените со ковид-19 бил пронајден на просторот за одмор на автопатот А3, кој главно носи патници од Западен Балкан во Германија. Според германски медиуми, позитивни се околу 2,4 проценти од тестовите во Центарот за тестирање на автопатот А3 Донаутал-Ост. Од отворањето на Центарот за тестирање, 16.556 патници дозволија да им се земат брисеви. Од нив, 410 се позитивни.

Мапуто – По повеќедневни борби, екстремисти поврзани со Исламска држава го зазеле клучното пристаниште во Мозамбик. Според информациите, владините сили што биле во крајниот северен град Мосимбоа да Праја избегале, повеќето со чамци, откако исламистите упаднале на пристаништето, пренесува Би-би-си. Во последните неколку месеци милитантите зазедоа голем број градови на северот на Мозамбик, раселувајќи десетици илјади луѓе.

Анкара – Професори во турскиот црноморски регион Орду дизајнираа робот што ќе помага во борбата против ковид-19, јавува агенцијата „Анадолија“ (АА). Шестмина професори што работат во центарот за наука и уметност „Д-р М. Хилми Ѓулер“ во Орду, Турција, поврзан со националното министерство за образование, вчера соопштија дека развиле робот што мери температура, дава маски и средства за дезинфекција и ги контролира автоматските уреди.