Меридијани

17

Вашингтон – Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан, предупреди дека хакери поврзани со кинеската влада ја напаѓаат американската изборна инфраструктура пред претседателските избори закажани за есен. Како што пренесува „Ројтерс“, изјавата на О’Брајан претставува чекор подалеку од изјавата дадена од кабинетот на директорот на Националната разузнавачка заедница, во која се вели дека Кина ги проширува своите обиди за влијание во САД и дека Русија веќе се обидува да ја поткопа кампањата на демократскиот кандидат Џо Бајден.

Џакарта – Вулканот Синабунг на индонезискиот остров Суматра исфрлал столб од пепел висок 5.000 метри, но никој не е повреден во ерупцијата, соопшти Центарот за вулканологија и ублажување на геолошкиот ризикот. Неколку села во радиус од околу 20 километри од вулканот се прекриени со дебел слој од пепел. На месното население му било советувано да биде оддалечено пет километри од кратерот и да биде внимателно поради евентуално излевање на лава, пренесува АП.

Техеран – Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека вонредната состојба воведена во земјата поради пандемијата на коронавирус ќе остане во сила барем до крајот на јануари 2021 година, јави АФП. Како што пренесува агенцијата, одлуката на претседателот за вонредната состојба во земјата е продолжена, поради што многу Иранци посветуваат помалку внимание на пандемијата и јавните здравствени регулативи. Иран досега објави бројка на смртни случаи од над 18.000 и повеќе од 320.000 инфекции.

Вашингтон – Со пет милиони потврдени случаи на инфекција со коронавирус, САД се на прво место во светот, тврди универзитетот „Џонс Хопкинс“, чии податоци се референтни за Америка. Сепак, здравствените работници проценуваат дека со секој пријавен случај има десетина пати повеќе заразени лица, со лесни инфекции што не се пријавени или не се препознаваат. Во меѓувреме, многу Американци се спротивставуваат на употреба на маски и на мерките за физичка дистанца.