Меридијани

31

Париз – Три месеци откако прогласи „војна“ со епидемијата на ковид-19, францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиското обраќање до нацијата ја прогласи првата победа над коронавирусот. Макрон рече дека цела Франција од денеска е во т.н. „зелена зона“, вклучувајќи ги и местата што се сметале за жаришта, јави „Ројтерс“. Според францускиот претседател, границите на Франција со другите земји-членки на ЕУ ќе бидат отворени неделава, додека границите со земји надвор од блокот ќе бидат отворени на 1 јули.

Вашингтон – Пристигнатите податоци од обдукцијата на Рејшард Брукс, Афроамериканецот што беше застрелан минатата недела од полицаец во Атланта, говорат дека убиството е предизвикано од рани од огнено оружје во грбот. Во соопштението од канцеларијата на патолози во округот Фултон во Атланта обдукцијата покажа дека Брукс починал поради загуба на крв и повреди на внатрешните органи предизвикани од два куршума, јави „Ројтерс“.

Анкара – Турски воени авиони вчера изведоа нови прекугранични напади врз курдските бунтовници на северот на Ирак, соопшти турското Министерство за одбрана. Во најновата операција „Канџа – Орел“, биле погодени положби на ПКК во неколку региони на северот на Ирак, вклучувајќи го и Синџар, наведува турската армија на Твитер. Министерството за одбрана соопшти дека авионите максимално се погрижиле да не повредат цивили и безбедно да се вратат во своите бази.

Москва – Судот во Москва го осуди поранешниот американски маринец Пол Вилан на 16 години затвор за шпионажа, пресуда што висок американски дипломат во Русија ја нарече „исмејување на правдата“. Вилан, кој исто така има и британско, канадско и ирско државјанство, беше уапсен во Москва во декември 2018 година, а судењето почна во март годинава, и покрај пандемијата на коронавирусот и дипломатските протести.

Подготвил: Дејан Србиновски