Меридијани

50

Анкара – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека се приближува нова ера меѓу САД и Турција за решавањето на ситуацијата во Либија. Ердоган по телефонскиот разговор со американскиот колега Доналд Трамп изјави дека по подолго време може да почне нова ера во билатералните односи меѓу двете земји за процесот на транзиција во Либија. Во исто време, турскиот претседател истакна дека тој ќе ја зголеми поддршката за либиската влада, јавија западните медиуми.

Вашингтон – Американскиот полицаец осомничен за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд до пресуда во случајот би можел да биде привремено ослободен со кауција од милион долари, пренесоа американските медиуми. Одлуката за кауција е донесена на првото сослушување во случајот. Инаку, полицаецот белец пред две недели, во текот на апсењето, го притискаше со колено врз вратот Афроамериканецот Флојд, иако тој повеќепати се жалеше дека веќе нема воздух. Видеоснимките предизвикаа бран протести против расизмот и полициското насилство.

Москва – Русија ги ублажи ограничувањата на границата и ги укина рестрикциите во Москва, соопштија официјални лица, со што рускиот главен град е последниот најголем град што стави крај на забраната за движење, која е во сила повеќе од два месеца. На Русите од 9 јуни им е дозволено да патуваат во странство за да се грижат за болни роднини, за работа, образование или медицински третман, се наведува во указот на премиерот Михаил Мишустин.

Рим – Повеќе од половина од жителите тестирани во северната италијанска провинција Бергамо имаат антитела на ковид-19, соопштија здравствените власти. Во студијата на италјанските власти е тестиран примерок од 9.965 жители, кои правеле тест со давање крв во периодот од 23 април до 3 јуни. Дури 57 отсто од нив ги имале антителата, што значи дека биле во контакт со болеста. Здравствените власти во Бергамо соопштија дека резултатите се засноваат на „случаен“ примерок што е „доволно широк“ за да биде сигурен показател за тоа колку луѓе биле заразени во покраината.