Меридијани

35

Лондон – Британија и Канада се спротивставија на враќањето на Русија во Г7, продлабочувајќи го јазот со САД, чиј претседател Доналд Трамп изрази намера да ја врати земјата во оваа група. Трамп во саботата рече дека ќе го одложи самитот на Г7 до септември. Тој рече дека Г7 е „застарена група“ и дека затоа треба да се прошири со други земји, вклучувајќи ја и Русија. Трамп телефонски го извести рускиот претседател Владимир Путин дека сака да ја покани неговата земја назад во групата. Самитот на Г7 ги собира лидерите на САД, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Британија. Русија беше избркана од групата, претходно позната како Г8, во 2014 година, откако го анектира Крим.

Вашингтон – Пандемијата на ковид-19 ќе ја влече американската економија надолу една деценија, прогнозира Канцеларијата за буџет на Конгресот. Таа предвидува дека пандемијата ќе го намали економското производство за три отсто од оваа до 2020 година, што е загуба од 7.900 милијарди долари. САД обезбедија илјадници милијарди долари за поддршка на својата економија, но невработеноста во земјата достигна нивоа досега невидени од времето на Големата депресија во 1930-тите. Над 40 милиони Американци се без работа поради пандемијата на ковид-19.
Москва – Порастот на нивото на водата на реката Кола и топењето на мразот ги оштетиле ѕидовите на железничкиот мост во Мурманск во Русија, кој се урнал. Железницата ветила дека повторно ќе воспостави врска преку реката во рок од пет дена, а дотогаш патниците ќе се превезуваат со автобуси. Мостот е од 1930-тите, а пред шест години се правени поправки.

Амстердам – Илјадници лица протестираа во центарот на градот против смртта на Џорџ Флојд во САД. Градоначалничката Фемке Халсема е цел на критики зашто дозволила голем собир во градот во момент кога има мерки за социјално дистанцирање поради ковид-19, но таа вели дека немало индикации дека ќе се соберат толку луѓе. Инаку, протести се одржаа и во други градови во Европа.