Меридијани

34

Лондон – Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, вчера изјави дека им го должи својот живот на здравствените работници што го лекуваа од коронавирусот. Во својата прва изјава откако пред неколку дена беше префрлен во болница поради влошување на симптомите на коронавирусот, 55-годишниот Џонсон им се заблагодари на медицинските лица од болницата „Сент Томас“ во Лондон, каде што продолжува да заздравува откако три ноќи помина на интензивна нега. Ова следува откако Велика Британија ја надмина бројката од 10.000 починати од ковид-19, од кои 917 во последните 24 часа.

Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, викендов изјави дека се надева оти вакцината за новиот коронавирус може да биде развиена до крајот на оваа година. Според неа, двата истражувачки тима што имаат најголеми изгледи да создадат ефикасна вакцина се лоцирани во Европа, а ова го изјави за германскиот весник „Билд ам зонтаг“. Пред да се одобри вакцината и да започне масовното производство, мора да се преземат серија чекори, додаде Фон дер Лајен.

Вашингтон – Бројот на Американци починати од коронавирус денеска премина 19.600, што е највисок смртен биланс во светот, пренесува „Ројтерс“, со индикација дека епидемијата е блиску до својот врв. Италија е втора, со 19.468 смртни случаи, а Шпанија трета, со 16.353 лица починати од ковид-19. Сепак, во САД живеат пет пати повеќе луѓе отколку во Италија и седум пати повеќе од Шпанија, потсетува агенцијата. Америка четврти ден по ред бележи околу 2.000 смртни случаи.

Ватикан – Папата Фанциск вчера ја откажа својата традиционална неделна велигденска миса на плоштадот „Свети Петар“, настан што вообичаено го исполнува форумот во Ватикан со капацитет од 80.000 верници. Наместо тоа, поглаварот на Римокатоличката црква својата велигденска порака ја пренесе преку видео, од изолација во неговата приватна библиотека во Ватикан. Властите повикаа верниците во многу земји да ги користат видеосервисите за нивните велигденски прослави, предупредувајќи дека вирусот најверојатно ќе го шират оние што ги кршат правилата за ограничување и физичко дистанцирање.