Меридијани

58

Вашингтон – Кинеските бројки за епидемијата на коронавирусот се лажни, обвинува британскиот автор Џејмс Палмер во анализата „Како да се толкуваат бројките за епидемијата на коронавирусот во Кина“, повикувајќи се на тврдења изнесени во еден доверлив американски разузнавачки извештај. Во него, наводно, се тврди и дека Пекинг со пропаганда сака да им пласира на светот и на својата јавност дека победува во битката против коронавирусот.

Хелсинки – Финската армија ќе продолжи со десет воени вежби планирани за пролетта, вклучувајќи и регрутација на 18.000 припадници наспроти вонредната состојба во државата поради пандемијата на коронавирусот. Финската армија планира да ги одржи вежбите наспроти откажувањето на големи вежби на НАТО во соседна Норвешка. Сепак, вежбите нема да се одржуваат истовремено и на исто место.

Ерусалим – Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека сите граѓани на Израел мора да носат маски во јавен простор, како задолжителна мерка за заштита од коронавирусот. Тој истовремено апелира до Израелците претстојните верски празници да ги поминат во кругот на семејството.

Анкара – Турција би можела да стане нова Италија во однос на бројот на заразени и починати од коронавирусот, прогнозира „Дојче веле“. Германскиот медиум посочува дека земјата изминатиот период имала релативно мал број заразени и починати од вирусот, но дека тоа би можело да се промени зашто во последните неколку дена е забележан значителен пораст. Последните податоци покажуваат оти бројот на заразени е над 15.000, а на жртви над 270, но опозицијата ја обвинува власта дека ги прикрива реалните бројки.

Бразилија – Една жена од домородното население во село длабоко во прашумите на Амазон е заразена со новиот коронавирус. Дваесетгодишна жена неодамна била тестирана позитивна од ковид-19 во село близу границата со Колумбија, што е прв случај забележан меѓу повеќе од 300 племиња во Бразил, соопштија тамошните власти.