Мексиканскиот претседател нема да се меша во расправите за ѕидот 

101

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор денеска изјави дека нема да се меша во расправите за ѕидот кој американскиот претседател Доналд Трамп сака да го изгради на американско-мексиканската граница. Тој при тоа истакна дека таа тема е внатрешно американско прашање.

Говорејќи на прес-конференција, Лопез Обрадор, кој дојде на функцијата во декември, укажа на американската предизборна политика одговарајќи на прашањето да го коментира последниот обид на Трамп да обезбеди финансиски средства за изградба на ѕидот на јужната американска граница.

Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа во обраќање до нацијата од Белата куќа уште еднаш се обиде да ги убеди опонентите дека е потребен ѕид на границата со Мексико заради безбедност на земјата.

Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Трамп во обраќањето од овалната соба испрати порака дека општата безбедност на САД е загрозена од илегалната имиграција.

– Порака до сите граѓани, повикајте го Конгресот конечно по десетици години да ја обезбеди границата, порача Трамп.

Во деветминутниот говор тој се обиде да ги притисне демократите да одобрат 5,7 милијарди долари за изградба на ѕидот на границата кон Мексико, чие одбивање доведе до блокадата на американската Влада која трае речеиси три недели.

Според Трамп, границата со Мексико пропушта илегални имигранти, криминалци и дилери со дрога.