Маските и ракавиците – дополнително загадување за океаните

87

Кога пандемијата ковид-19 го зафати целиот свет на почетокот од оваа година, ставајќи голем дел од светот во услови на карантин, се чинеше дека на природата конечно ѝ се даде да земе здив со приказните за тоа како „земјата почна да се лекува“.

Тоа траеше кратко бидејќи карантинот поради пандемијата предизвика нов, тажен несакан ефект – милиони парчиња опрема за лична заштитна фрлена насекаде.

Според новата студија објавена во списанието „Енвајрмент, сајнс анд технолоџи журнал“, 129 милијарди маски за лице и 65 милијарди ракавици (вкупно 194 милијарди комплети опрема за лична заштитна) месечно се користат низ целиот свет, што резултира со катастрофален нов бран на отпаден материјал во океаните и реките.

Пред избувнувањето на пандемија на коронавирус, експерти предупредуваа дека пластичниот отпад ги полни светските океани, испуштајќи канцерогени токсини и хемикалии во морската околина, со што се убива морскиот животински свет.

Загадувањето достигна такви монструозни размери што можеа да се најдат околу 100 милиони тони пластика во океаните, според ООН.

Помеѓу 80 и 90 отсто од ѓубрето доаѓа од копното.

Во извештајот подготвен за Светскиот економски форум во 2016 година во Давос, Швајцарија, се предупредува дека до 2050 година во океаните ќе има повеќе пластичен отпад отколку риби.