Маските во светот на политичарите, од исмејување до одобрување

902
Деновиве Доналд Трамп и Борис Џонсон првпат беа видени во јавноста со заштитна маска

Причината за експресното менување на ставовите на државите и на светските лидери за носењето заштитни маските како превенција од инфекцијата со ковид-19, според истражувачката група „Масксфорол“ од САД, всушност, е прикривањето на вистинските податоци за пандемијата од владите низ светот

Неодамнешното тврдење на Светската здравствена организација (СЗО) дека е можно коронавирусот да се пренесува и преку честички во воздухот, предизвика да се зголеми бројот на владите низ светот што го препорачуваат носењето заштитни маски на лицата кај луѓето како превентива од ширењето на ковид-19. Имено, повеќе од 130 држави денеска препорачуваат задолжително носење заштитни маски, додека на почетокот на пандемијата некаде во март единствено десетина држави во светот беа со таков став. Која е причината за брзото менување во размислувањето на државите, но и на светските лидери за носењето на маските како превенција од инфекцијата? Истражувачката група „Масксфорол“ од САД наведува дека една од главните причини, всушност, е прикривањето на вистинските податоци за инфекциите со ковид-19 во државите низ светот. Како резултат на овие тврдења, „Би-би-си“ јавува дека во изминатите неколку дена и американскиот претседател Доналд Трамп, но и британскиот премиер Борис Џонсон првпат беа видени во јавноста со заштитна маска. Тие се лидери на две земји што се на врвот по зарази од ковид-19.

Ова, како што наведува медиумот, е драматичен пресврт, имајќи предвид дека Трамп досега ги исмеваше оние што носат маска, а британската влада дури неодамна воведе задолжително носење маска во јавен превоз и продавници. „Би-би-си“ наведува дека Доналд Трамп постојано ги потценуваше ефектите на пандемијата. Поткопувајќи ги напорите и препораките на сопствените експерти со непотребни коментари, Трамп тврдеше дека нема да носи маска и се потсмеваше со противкандидатот на претстојните претседателски избори, Џо Бајден, затоа што ја носи. Сега тој тврди дека бил погрешно разбран затоа што никогаш не бил против носењето заштитни маски.
Од друга страна, пак, според „Асошиејтед прес“, причината поради која Трамп одбивал да носи заштитна маска е неговата убеденост дека со тоа би покажал слабост и загриженоста дека со тоа би се фиксирал фокусот на јавноста на здравствената криза, наместо кон економското закрепнување.

Пример што ја потврдува оваа констатација е неговата изјава за време на посетата на Флорида, која стана едно од жариштата на вториот бран на вирусот во САД. Наместо за вирусот, Трамп зборуваше за резултатите на неговата администрација во борбата против шверцувањето и употребата на наркотични средства.
– САД, Велика Британија и Канада беа релативно побавни во прифаќањето на маските, во споредба со Италија, Шпанија и Франција. Денес 83 отсто од Италијанците велат дека секогаш би носеле маска надвор од дома – вели Сара Џонс, истражувачка од Лондонскиот империјален колеџ. Експертите велат дека маска не би требало да носат само бебиња и мали деца зашто можат да се задушат, како и оние на кои им треба помош за да ја симнат.

Дополнително, според друго истражување на Британското кралско друштво, СЗО во почетокот сугерираше дека маска треба да носат само здравствените лица и оние што имаат симптоми, но откако стана јасно дека многумина носители на вирусот се асимптоматски, таа ги промени своите препораки во јуни што предизвика да има смена во размислувањата на владите и политиките во светот.
– Земјите што досега немаа историја на носење маски во јавност забрзано го прифаќаат тоа, како Италија (83 отсто), САД (65,8 отсто) и Шпанија (63,8 отсто) – се наведува во извештајот на Британското кралско друштво.