Мари Јованович е лоша вест за Трамп и надеж за демократите

1045
Мери Јованович

Автор: Стивен Колинсон

Си-ен-ен

За Доналд Трамп, Мари Јованович е „лоша вест“. Сослушувањето за претседателскиот импичмент, што ќе биде емитувано на телевизија, може да покаже дека Трамп е во право за американската амбасадорка во Украина, која тој ја тргна од функцијата, затоа што наводно ја извртела неговата непријателска стратегија во надворешната политика. Демократите ја повикаa ветеранката од надворешната политика за да даде свој исказ со цел да ја открие вистината во она што тие го нарекуваат црна дипломатска операција, чија цел била да се спроведат политичките цели на Трамп наместо американските интереси и да се извалка името на поранешниот потпретседател Џо Бајден.

Јованович можеби не е единствената лоша вест за претседателот. Во значајниот развој на настаните што се случи вчеравечер, една адвокатка порача дека Марк Сенди од Агенцијата за буџетско управување ќе сведочи в сабота доколку добие судска покана. Сенди може да даде увид во тоа дали Агенцијата за буџетско управување постапувала по наредба на претседателот, со цел да ја задржи воената помош за Украина, наводно, за да добие политички отстапки од тамошната влада.

Сведоштвото на Јованович може да биде клучен доказ во обвинението за Трамп, за неговата подготвеност да ги прекрши принципите на неговиот кабинет и да ја злоупотреби функцијата, врз што демократите го темелат случајот за претседателот да биде отстранет од функцијата. Во градењето на нивниот случај, претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, вчера ги потврди доказите кои покажуваат дека Трамп како мито го користел задржувањето на воената помош за Украина за да се ослободи од Бајден.

По долгогодишна државна служба зад затворени врати и пред да биде уништена нејзината кариера, Јованович ќе биде искористена како пример за она што критичарите го нарекуваат цена за безмилосното, егоцентрично владеење на Трамп.
Името на Руди Џулијани исто така ќе ѕвони во сечии уши. Јованович изјави на сослушувањето пред разузнавачкиот комитет на Претставничкиот дом дека претставници од Киев и Вашингтон ѝ рекле дека станала цел на личниот адвокат на претседателот.

Активностите на Џулијани во Украина претставуваат главни темели во случајот за импичмент, бидејќи демократите го сметаат за главен иницијатор за Трамп да врши притисок врз владата во Киев. Самиот Џулијани ги отфрли сведоштвата за претседателската фиксација кон теоријата на заговор дека Украина, а не Русија, се мешала во претседателските избори од 2016 година. Тој со месеци тврдеше дека Бајден и неговиот син Хантер се занимавале со корупција во Украина во кампања поддржана од конзервативни експерти. Но не постојат докази за корупцијата на Бајден или неговиот син кој беше во одборот на украинскиот енергетски гигант „Буризма“.

Пофалби за претседателот на Твитер

Јованович е важна во целта на Демократите да го прикажат претседателот како суетен и нескротлив, како ја злоупотребува должноста и ги заобиколува американските официјални дипломатски канали. На пример, кога таа го прашала нејзиниот колега Гордон Сондленд, американскиот амбасадор во ЕУ, како да си ја спаси работата, тој ја советувал да го фали претседателот на Твитер. Јованович исто така сведочеше дека додека траеле личните напади против неа, таа добила препораки од претпоставен во април „да си се врати назад дома“, затоа што во Белата куќа и во Стејт департментот постоела нервоза и веројатно страв за нејзината безбедност.

Таа реши да оди по стапките на двајца други докажани американски дипломати, Џорџ Кент и Бил Тејлор, кои ги започнаа телевизиските сослушувања во средата, сакајќи да порачаат дека Трамп имал намера да открие валкани работи за Бајден, кој може да му биде демократски ривал на следните претседателски избори закажани за следната година.

Исто како нив, таа може да биде обвинета од страна на поддржувачите на Трамп дека била од „исполитизираната бирократија“ што го мрази Трамп и сака да ја приграби неговата моќ и да ја изврти политиката „Америка на прво место“. Демократите ќе ја натераат Јованович да објасни зошто чувствувала закана лично од претседателот откако се откри дека тој на украинскиот лидер му рекол оти таа е „лоша вест“ и дека „ќе треба да мине низ некои работи“.

Тие може да побараат извадок од видео-снимката со нејзиниот коментар дека „не можела да верува што американската влада одлучила да отповика амбасадор врз основа на, како што најдобро може да каже, неосновани и лажни тврдења од страна на луѓе со јасно сомнителни мотиви“.

Демократските адвокати или политичари можат исто така да го искористат денешното рочиште за да го испитаат нејзиното тврдење дека можеби била тргната од функција затоа што нејзината борба против корупцијата се заканувала, по сега обвинетите помошници на Џулијани, Лев Парнас и Игор Фруман.

Ваквиот исказ би ги поткопал главните аргументи во одбраната на Трамп дека задржал 400 милиони долари воена помош за Украина наменети за борба против проруските сепаратисти, затоа што бил загрижен за корупција.

Всушност, според Јованович, Џулијани бил поврзан со луѓе во Киев кои биле против нејзината сопствена антикорупциска кампања, вклучувајќи го и отпуштениот професор Јуриј Луценко. Републиканците со право ќе тврдат дека претседателот има право да отпушти кого сака, а нејзиното отпуштање значи дека таа не е запознаена со најновите настани во Украина. Во вчерашната официјална изјава од таборот на Трамп се вели дека „Демократите ќе даваат искази за Руди Џулијани, но ништо од тоа не може да се искористи во обвинението за импичмент“.

Пелоси се повикува на митото

Пелоси ја заостри својата реторика вчера кога го обвини Трамп дека „подмитувал“. Оваа терминологија е полесно да се сфати од латинската фраза „квид про кво“ што значи „давање услуги“. Митото е еден од прекршоците за кои може да се побара импичмент, заедно со предавството и други високи кривични дела и прекршоци. Политичкото позиционирање е најновиот пресврт во битката за јавно мислење што може да ја запечати судбината на претседателската кариера на Трамп, што се води на двете страни пред официјалното гласање за импичмент кое треба да се одржи на крајот од годинава во Претставничкиот дом.

Републиканците се трудат да ја поправат штетата од првото сослушување во средата, во кое се откри директна поврзаност меѓу претседателот и обидот за притисок врз владата во Киев. Тејлор призна дека еден од неговите помошници слушнал разговор меѓу Сондленд и Трамп еден ден по озлогласениот разговор од 25 јули со украинскиот претседател Владимир Зеленски. Според Тејлор, Трамп го распрашувал Сондленд околу „истрагите“ што ги побарал неговиот колега, откако тој од него побарал „услуга“.

Советничката од Белата куќа Келијан Конвеј вчера изјави во интервјуто на Волф Блицер за „Си-ен-ен“ дека „немало ништо ново“ во сведоштво што претставува прво обелоденување на телефонскиот разговор. Таа исто така неточно тврдеше дека докази слушнати од друго лице нема да имаат тежина во суд.

Сондленд, кој е голем републикански донатор, доби покана јавно да сведочи следната недела. Можеби ќе треба да бира меѓу тоа да ја заштити својата правна позиција или претседателот.

Дејвид Холмс, помошникот на Тејлор, кој го слушнал разговорот во еден ресторан во Киев, во околности што предизвикуваат сериозни безбедносни прашања, денес ќе даде исказ зад затворени врати.

Но најистакнатиот Републиканец во Претставничкиот дом, калифорнискиот претставник Кевин Мекарти, вчера изјави дека досега сведочењата покажале оти ниедно обвинение не е силно за да доведе до импичмент на претседателот. Тој тврдеше дека грубиот транскрипт на телефонскиот разговор меѓу Трамп и Зеленски во кој тој наводно му врши притисок да отвори истрага, всушност не го компромитира, туку напротив го заштитува. Исто така додаде дека „во него нема никаков доказ што може да доведе до импичмент и не треба да дозволат државата да минува низ таков процес на нецела година до следните избори“.

Превод: Билјана Здравковска