Мамо, бев измамена за да го убијам Ким Јонг-нам

848
Сити Ајсјах

Двете жени кои тврдат дека биле измамени за да го извршат атентатот на Ким Јонг-нам, ќе бидат судени за убиство во Малезија, откако беше одлучено дека постојат доволно докази оти тие знаеле што прават, пренесува Би-би-си.

Судијката Азми Арифин го оквалификувала убиството на Ким Јонг-нам како „добро испланиран заговор“ и им порачала на обвинетите да ја подготват нивната одбрана за судењето што треба да се одржи помеѓу ноември годинава и февруари идната година.

Индонезијката Сити Ајсјах (25) и Виетнамката Доан Ти Хуонг (29), кои се соочуваат со смртна казна доколку бидат осудени, се изјаснија за невини за убиството на Ким Јонг-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, на аеродромскиот терминал во Куала Лумпур во Малезија, на 13 февруари минатата година. Жените порачуваат оти биле измамени од севернокорејски агенти, за да помислат дека изведуваат безопасна шега за телевизиско шоу на скриена камера. Тие се обвинети дека го нанеле отровниот нервен агенс Ве-Икс врз лицето на жртвата. 

Доан Ти Хуонг

– Таа ми кажа, мамо, целата работа е наместена. Јас бев измамена. Верувам дека таа ќе биде ослободена, бидејќи не е виновна. Таа немала намера да убие никого. Таа ми е ќерка и јас ѝ верувам – објаснува мајката на Сити Ајсјах, во разговор за британски „Гардијан“.

Ким Јонг-нам, најстариот син на семејството што владее со Северна Кореја, живееше во странство долги години. Се претпоставува дека тој бил сметан за можна закана за власта на Ким Јонг-ун. Малезиските власти не изнесоа обвинувања поврзани со Северна Кореја, јасно истакнувајќи оти судењето не треба да се политизира. Четворица мажи од Северна Кореја, осомничени за атентатот, уште се во бегство.

Ким Јонг-нам