Макрон ја претстави неговата визија за Европа во три концентрични кругови

152

Францускиот претседател Емануел Макрон очекува дека за 15 години Европа ќе биде формирана околу три круга на држави кои ќе бидат со различно ниво на интеграција.

– Предвидувам еден широк круг, во кој ќе влегуваат и држави кои сега не се меѓу 27-те членки на Европската унија, кој ќе биде нешто меѓу ЕУ и Советот на Европа. Овој поширок круг на Европа ќе биде помалку интегриран од ЕУ, но ќе почитува многу од европските вредности, изјави Макрон на прашањето како ја замислува иднината на Европа, и навести дека во овој круг може да бидат и Турција и Русија.

Вториот круг што го наведе Макрон би биле земјите кои се во ЕУ, но не се во Еврозоната. Тие ќе имаат пристап до европскиот заеднички пазар, но ќе го задржат и својот суверенитет. Третиот круг, изјави Макрон, ќе биде „срцето на реакторот“, цврсто интегрираното јадро на ЕУ со заедничка валута, интегриран пазар на труд и целосно почитување на „логиката на Еврозоната“, што значи поблиска политичка интеграција.

Макрон ја претстави неговата визија за Европа, а реагираше и при најавата за проширување на ЕУ кон Балканот, барајќи првин да се заврши реформирањето на Унијата пред таа да се проширува.