Макрон сака да се преиспитаат односите со Русија

123
Макрон се обидува да ги подобри односите со Путин

Европската Унија има потреба од стратегиски односи со Турција, вклучувајќи ја и одбранбената сфера, а треба да ги модернизира и односите со Русија, непроменети од времето по Студената војна, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон е силен поддржувач на идејата дека Европа е способна да ги брани своите стратегиски интереси и финансиска независност, а притоа и да одговори соодветно на новата глобална економска и одбранбена ситуација, предизвикана со доаѓањето на Доналд Трамп на претседателската функција во САД.

Тој се обиде да ги подобри односите со рускиот претседател Владимир Путин, иако неговите напори беа отежнати поради наводите за руска вмешаност во американските избори и нападот со нервен гас врз двојниот агент Сергеј Скрипал во Велика Британија.

– Во наш интерес е ЕУ да има стратегиски односи со Турција, како и со Русија, кои ќе донесат стабилност, а на долг рок тоа ќе значи поголема сила и кохерентност – изјави Макрон на прес-конференција во Хелсинки, на која се појави со финскиот претседател Саули Нинисто.

Тој истакна дека односите на ЕУ со Русија треба да бидат „во тек со новото време“, употребувајќи го италијанскиот збор „aggiornamento“ (модернизација).

– Сметам дека во однос на прашањата како што се сајбер-безбедност, одбрана и стратегиски односи, би можеле да ги предвидиме контурите на новата релација помеѓу Русија и ЕУ што ќе биде доследна на насоката по која се движи Европа – рече Макрон, додавајќи дека стабилноста на целиот регион е во интерес на сите.