Макрон побара од светските сили да му помогнат на Бразил во борбата со пожарите

34

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави денеска пред почетокот на самитот на Г7 во Бијариц дека ги повикува сите светски сили да му помогнат на Бразил и на другите земји од Јужна Америка во борбата против пожарите во Амазонија.

Пред почетокот на самитот на Г7, Макрон ги стави пожарите во шумите на Амазонија на врвот на агендата. Тој го повтори ова во телевизиско обраќање до нацијата пред самитот.

– Треба да одговориме на повикот на шумата, Амазонија, нашето заедничко добро и според тоа ќе постапиме – рече Макрон, додавајќи дека треба да продолжи понатамошното пошумување на погодените области, пренесе Франс прес.

Неговото телевизиско обраќање се совпадна со пристигнувањето на авионот со американскиот претседател Доналд Трамп во Бијариц, пренесува „АП“.

Во своето обраќање, Макрон, исто така, повика на прекин на трговските војни, за кои рече дека се шират насекаде. Тој рече дека се надева дека ќе успее да ги убеди своите партнери дека трговските тензии се „лоши за сите“.

Пред да замине на самитот, Трамп рече дека може да ги оданочува француските вина како мерка на одмазда за француските даноци на американските технолошки гиганти, на што ЕУ би возвратила.

Макрон ги повика активистите на Г7 кои протестираат во близина на Бијариц за мир и хармонија и рече дека најголемите предизвици како што е климата, треба да се решаваат заедно.