Макрон, Меј и Трудо се залагаат до 2030 година сите девојчиња да посетуваат училиште

53

Францускиот претседател Емануел Макрон и премиерите на Велика Британија и на Канада, Тереза Меј и Џастин Трудо се заложија во Обединети нации до 2030 година сите девојчиња во светот да можат да посетуваат училиште.

– Денес во светот 130 милиони девојчиња во светот не посетуваат училиште, истакна Меј.

Макрон, Меј и Трудо најавија дека Глобално партнерство за образование ќе добие фонд од 2,5 милијарди долари за три години. Средствата ќе бидат обезбедени од Франција, Велика Британија, Канада, Обединети Арапски Емирати, Норвешка и Холандија.

– Тоа е огромен предизвик, бидејќи 440 милиони африкански деца треба да посетуваат училиште до 2030 година, посочи Макрон.

Тој додаде дека 63 проценти од неписмените возрасни лица се жени.

– Постојат уште многу препреки за школување на девојчињата – од сиромаштија до рана бременост, сексуално насилство и се уште премногу рестриктивни општествени норми, истакна Макрон.

Меѓу предложените мерки за надминување на проблемот се усвојување на закони, обезбедување на 12-годишно бесплатно образование, превенција од рана бременост и борба против предрасудите кон жените.

Глобално партнерство за образование е формирано во 2002 година и е активно во околу 60 земји во развој, како поддршка на образовните структури.