Макрон и ОН организираа конференција за собирање помош за Бејрут

58

Меѓународните лидери денеска ќе разговараат за собирање помош за Бејрут по експлозијата која го разори либанскиот главен град. Виртуелната конференција, која ја организираа Франција и Обединетите нации почнува во 14 часот по либанско време.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека планира да се приклучи на повикот.

Францускиот претседател Емануел Макрон го посети Бејрут во четвртокот и објави дека сака да координира меѓународна помош за земјата.

На конференцијата ќе присуствуваат државите членки на ЕУ, Кина Русија, Египет, Јордан и Велика Британија, а повикани се и многу други. Целта е да се мобилизираат главните либански меѓународни партнери и веднаш да се организира координирана помош на меѓународната заедница.

Властите проценуваат дека разорната експлозија во магацинот каде се наоѓале над 2000 тони амониум нитрат предизвикала штета од 15 милијарди долари.

Во експлозијата загинаа најмалку 158 луѓе, повредени се 6000, а 300.000 ги загубија своите домови.

Либанскиот премиер Хасан Диаб во телевизиско обраќање рече дека ќе повика на предвремени избори како начин за излез од кризата. За тоа прашање владата ќе расправа утре.