Француските безбедносни сили го евакуираа претседателот на земјата, Емануел Макрон од театарот Ле Буфе ду Норд во Париз поради напад од антивладини демонстранти, јави новинската агенција Анадолија.

Поголема група демонстранти се собрала пред театарот, откако на социјалните медиуми е објавена информацијата дека Макрон се наоѓа во зградата.

Најавениот план на владата за реформи на пензискиот систем во Франција предизвика протести и штрајкови кои траат од 5 декември минатата година. Администрацијата на Макрон со новиот план се залага висината на пензијата да се пресметува врз основа на висината на платата што вработениот ја добивал во текот на целата кариера, а не врз основа на платите од последните пет години од работната кариера. Синдикатите тврдат дека тоа ќе резултира со значително пониски пензии за идните пензионери.