Мадуро доби нова шанса за враќање на златото на Венецуела

131

Британскиот суд му овозможи нова прилика на претседателот на Венецуела Николас Мадуро да го врати златото вредно околу две милијарди долари, кое се наоѓа во Банката на Англија, во судскиот случај кој се фокусира на прашањето кого Велика Британија го признава за лидер на јужноамериканската држава, пишува „Њујорк тајмс“.

Апелациониот суд ја поништи одлуката на Високиот суд кој во јули го забрани пристапот на администрацијата на Мадуро до златните резерви, бидејќи британската влада го признава опозицискиот лидер Хуан Гваидо за претседател на Венецуела.

Адвокатите што ја претставуваат администрацијата на Мадуро тврдеа дека Банката на Англија „непотребно ги задржала“ ресурсите кои „очајнички се потребни“, одбивајќи да ги ослободи златните резерви за корисетење на Банката на Венецуела.

Тројца судии на Апелациониот суд во Лондон пресудија дека не е јасно дали британската влада го смета Гваидо за лидер на Венецуела или дали препознава дека Мадуро уште има делумни или потполни претседателски овластувања.

Мадуро се обидува да го повлече златото од Банката на Англија од 2018 година, потпирајќи се на фактот што медицинските залихи и хуманитарната помош не потпаѓаат под британските санкции врз неговата влада. Златните резерви се предмет на расправа и помеѓу Мадуро и Гваидо, кој бараше британската влада да го задржи златото, бидејќи, како што истакна, неговиот ривал расипнички би ги потрошил парите. Адвокатите на Мадуро изразија оптимизам по пресудата, велејќи дека нивниот клиент наскоро ќе стекне контрола врз златните резерви.

Мадуро вети дека ќе продаде злато во вредност од околу милијарда долари за да се справи со последиците од пандемијата. Според податоците на Венецуела, барем 650 луѓе од популацијата од 30 милиони, починале од ковид-19. Но, западните медиуми истакнуваат дека тешко е да се прикаже реалната состојба, доведувајќи ја во прашање владината статистика. Згора, Венецуеала и пред пандемијата се соочуваше со сериозни економски проблеми и разурнат здравствен систем.