Мадуро го впери прстот кон „империјата“ на Трамп

282

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро ja нарече Владата на американскиот претседател Доналд Трамп „банда на екстремисти“ и го впери прстот кон САД, како главен виновник за кризата во неговата земја, во интервју за британската телевизија Би-би-си.

Мадуро изјави дека тој нема дозволи хуманитарна помош во Венецуела, затоа што тоа не е начин за САД да ја оправдаат воената интервенција на територијата на јужноамериканската држава.

– Тие преку воено хушкање се обидуваат да ја преземат Венецуела – рече Мадуро.

САД и повеќе западни влади го признаа лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо како привремен претседател на земјата.

Мадуро се соочува со притисок од внатрешни и надворешни сили за да организира претседателски избори, во време на длабока економска криза која секојденевно се влошува, и со сериозни назнаки за корупција и прекршување на основните човекови права во земјата.

Во меѓувреме, Гуаидо денес повика на нови антивладини протести.

Односите меѓу САД и Венецуела беа влошени и пред администрацијата на претседателот Трамп да стане прва од земјите што го поддржа Гуаидо како привремен претседател.

Венецуела ги прекина дипломатските односи како одговор на поддршката на САД, додека Трамп рече дека воена интервенција во земјата останува негова опција.

Во едно од ретките интервјуа кои ги даде Мадуро, рече дека „екстремистичката група во Белата куќа е победена од силното светско јавно мислење“.

За Би-би-си, Мадуро дополни дека ова е политичка војна на империјата на САД за интересите на екстремната десница и на Кју Клукс Кланот, кои владеат во Белата куќа, и чија цел е да ја преземат Венецуела.

САД, од друга страна, го обвинуваат Мадуро за прекршување на основните човекови права и за корупцијата на неговата власт, создавајќи голем притисок врз него за поднесување оставка од претседателската функција.

Згора, САД наметнаа економски сакнции врз земјата, вклучувајќи ја и државната нафтена компанија ПДВСА, сè со цел да се запре главниот извори на пари на владата.

Во изминатите неколку години, САД го замрзнаа имотот на Мадуро во нивната земја, го ограничија пристапот на Венецуела на нивните пазари и блокираа повеќе зделки во кои беше вклучено венецуелското злато.