Личната трагедија ја покрена борбата на мајката за подобро утре во Фергусон

71

Лезли Мекспаден ја објави нејзината кандидатура за влез во градскиот совет во Фергусон еден ден по четвртата годишнина од смртта на нејзиниот син, која до денес претставува симбол на проблематичните меѓурасни односи во САД, пишува „Ројтерс“.

Таа е мајка на Мајкл Браун, црномурестиот тинејџер кој беше убиен од бел полицаец во Фергусон, Мисури, што предизвика повеќемесечни протести и национална расправа во САД. Тогаш 18-годишниот Браун, беше смртно застрелан од полицаецот Дарен Вилсон, на 9 август 2014 година.

Амбициозната Американка зборуваше како смртта на нејзиниот син ја погодила, но истовремено и силно ја инспирирала, за да се кандидира за политичката функција, на собирот на кој ја објави нејзината намера за влез во градскиот совет. 

– Тоа ме сруши на колена, направи да се чувствувам осакатена, како да не можев веќе да правам ништо од тој момент. Повторно научив да одам и ова е еден од моите први чекори, кандидатурата за градскиот совет на Фергусон во 2019 година – порача Мекспаден.

Поранешната продавачка која го заврши средното образование на 37-годишна возраст, покрена добротворна организација посветена на социјалните проблеми, во името на нејзиниот син. Трите главни цели на нејзината кампања претставуваат запознавање на полицијата со локалната заедница при распоредувањето, економска еднаквост и пристап до здравствено осигурување, особено за децата.

– Знам дека многумина ќе се запрашаат што ме прави квалификувана за функцијата. Но, ќе ви кажам дека ако една мајка мораше да го гледа сопствениот син како лежи на улица четири и пол часа, како и да го гледа соочувањето на заедницата со непочитта од официјалните лица што ги избравме, што би сториле вие? И вие би станале и би се бореле – порача кандидатката за градскиот совет на Фергусон.

Мекспаден и нејзиниот поранешен сопруг Мајкл Браун постариот постигнаа спогодба во тужбата против градот поради убиството на нивниот син. 

Афроамериканците се мнозинство во Фергусон кој има 21 илјада жители, но белците се повеќебројни во политичките институции, полицијата и во тамошниот образовен систем. Убиството беше повод за повеќенеделни жестоки протести во кои имаше бројни апсења. Во САД беше покрената расправа за дискриминацијата во правниот систем и за полициското малтретирање на малцинствата.