Лидерот на терористите во Шри Ланка загинал во еден од нападите

429

Наводниот лидер зад нападите во Шри Ланка на католичкиот Велигден загинал во еден од нападите, рече претседателот на земјата Маитрипала Сирисена, а пренесе Би-би-си.

Сирисена рече дека Захран Хашим, кој бил радикализирани проповедник, загинал во еден од хотелите во кој е извршен бомбашки напад. Станува збор за хотелот Шангри-Ла во главниот град Коломбо.

Токму Хашим го предводел нападот врз популарната туристичка дестинација, придружуван од втор бомбаш-самоубиец, идентификуван како „Илхам“.

Најмалку 250 луѓе загинаа во серија од бомбашки напади минатата недела, чија цел беа повеќе цркви и елитни хотели на повеќе локации во Шри Ланка.

Претседателот на земјата исто така рече дека разузнавачките служби во Шри Ланка имаат околу 130 осомничени поврзани со нападите на групата која има врски со Исламската држава (ИД), додека полицијата сè уште трага по 70 лица кои се во бегство.

Претседателот не прецизираше каква улога имал Хашим во нападот врз хотелот Шангри-Ла, еден од шесте напади кои беа спроведени во земјата во Јужна Азија.

Властите претходно ја обвинија локалната радикална исламистичка и екстремистичка група Национал Тавхид Џамат за нападите.