Лагите за пожарите во Амазонија се шират побргу од огнот

2163

Спајкд

Сега знаеме дека лажна вест е оти во амазонската прашума беснее пожар од невидени размери и дека човештвото ќе ги загуби главните „бели дробови“ на планетата. Тешко е да се замисли друг настан во светот, годинава, што беше толку преплавен со дезинформации како пожарите во амазонската прашума. Бевме информирани дека овие пожари се тешка катастрофа, своевиден „екоцид“ и доказ за тоа како човекот ја уништува природата, како ќе ги зацрни и уништи „белите дробови на светот“, како што се нарекуваат прашумите, со оглед на тоа што тие произведуваат 20 отсто од кислородот во светот. Сето ова е лага, а ние лесно поверувавме во неа.

Сè е лага, од фотографиите од пожарите што масовно ги споделуваа загрижените познати личности до тврдењата дека пожарите се закана за целото човештво. Некои потресни фотографии од пожари што се ширеа на социјалните мрежи се стари 10 или 20 години. Многу од нив всушност не се од Амазон, односно некои се од јужен Бразил, а други од Индија и од Шведска. Исто така не е точно дека милиони бесценети дрвја што произведуваат кислород, лошата човечка рака сега ги претвори во пепел и прав. Колку и да се зачестени пожарите во Амазон, што само по себе е лажно тврдење, многу од годинашните пожари се поради сува ниска вегетација, каде што дрвјата веќе биле исечени. Не е точно дека пожарите се досега од невидени размери. НАСА тврди дека размерите на пожарите во Амазонија се „малку под просекот годинава“.

Многумина истакнуваат дека сме сведоци на најбројните пожари во Амазон во изминатите седум години. Но како што соопштува метеорологот Џеси Ферел, пред 2012 година Амазонија се соочи со многу посериозни пожари од годинава, поточно во 2003, 2004, 2005, 2006, 2007 и во 2010 година. Како што вели Ферел, секогаш избиваат пожари во светот. Секој ден и секоја година избиваат илјадници пожари на планетата и така ќе биде и во иднина. Да се нарече крајно невообичаено или апокалиптично или, пак, доказ за фашистичкото однесување на човекот кон природата, она што сега се случува во Амазонија, е целосно политизирано толкување на сосема вообичаена појава.

Исто така, глупост е тврдењето дека амазонските прашуми се „белите дробови на светот“ затоа што произведуваат 20 отсто од кислородот на планетата. На ова се повикуваат луѓето кои сакаат да веруваме дека овие пожари ќе имаат сериозни последици по целото човештво и можеби на опстанокот на нашиот вид. Но дури и „Гардијан“ загрижено пренесе дека не е познато како била одредена оваа бројка. Климатскиот експерт Мајкл Ман вели дека „вистинската бројка не изнесува повеќе од шест отсто“. „Гардијан“ исто така истакнува дека житните култури што се садат наместо исечените дрвја во Амазон, од страна на земјоделците кои западните екологисти ги сметаат за сериозна закана, исто така ќе произведуваат кислород, и тоа „во многу поголеми количини“ од исечените дрвја. Така, „кислородната криза“ претставува целосна измислица.

Не е точно дека човештвото војува со шумите. Како што јасно покажа еден значаен извештај на „Нејчр“ објавен лани, во изминатите 35 години се зголемила шумската површина во светот. За три децении шумската покривка во светот се проширила за нови 2,24 милиони квадратни километри, што претставува површина колку териториите на Тексас и Алјаска заедно. Истражувањето, кое вклучува сателитска анализа на планетата од 1982 до 2016 година, откри дека иако има загуба на дрвја во суптропските области, новото пошумување во суптропските, умерените, зимзелените северни предели и поларните региони ја надминуваа таа бројка. Дел од ова пошумување се должи на кинеската програма за масовно пошумување. ООН ја нарекува „најголемата акција за садење на дрвја“ во која шумската површина во Кина се зголеми од 8,6 отсто во 1949 година на 21 отсто во 2017 година. На овој начин Кинезите ги побија злобните критики дека се најголеми загадувачи. Сите нови дрвја што беа засадени на планетата по 1982 година ќе произведуваат доволно кислород, така што средната класа од Западот, која секогаш е критички расположена, може да престане да паничи дека нема да има воздух за нејзе.

Мајкл Шеленбергер, еден од главните критичари на преувеличената дебата за шумските пожари, тврди дека „не е точно ништо што се известува за Амазонија“. Според него, не е точно ниту едно од тврдењата за неконтролираните пожари, незаконско сечење на дрвја и за недостиг на кислород и климатски промени, односно сè е базирано на страв, а не на факти.

Можеби најштетниот мит е дека Бразилците и останатите се вмешани во таканаречен „екоцид“. Овој емотивен збор, цинички искован за да нè потсетува на геноцид, има цел да ја оцрни човечката активност што влијае врз животната средина. Зборот настана од арогантниот и нетолерантен став на западните екологисти кои велат дека луѓето во светот во развој, кои преземаат активности како сечење на шумите, расчистување на земјоделското земјиште, давање предност на човечките потреби за сметка на природата, прават криминал и треба да добијат казна.

Зад овие обвиненија може да се насети неоколонијалниот инстинкт. Тоа е клевета на привилегираните Западњаци кои веќе добро ги искористија индустриските револуции и долгогодишната модернизација наспроти новите економски сили кои сакаат да преземат поинакви чекори, како што се Бразил, Кина и Индија. Уште полошо е што овие држави прво мораат да подлежат на надворешна интервенција. На неодамнешниот самит на Г7 веќе однапред беше договорено да се испратат ресурси за справување со шумските пожари, а некои западни екологисти почнаа да фантазираат за испраќање на вооружени сили, односно таканаречени „зелени шлемови“, ширум светот, за да ја спасат природата од деструктивната активност на жителите од земјите во развој. Ваквиот исказ е толку навредлив и е на граница на империјализам. Прифаќањето на современото еколошко движење е совршено прикажано токму во идејата дека странците треба да ги третираме како криминалци само затоа што го посакуваат она што ние веќе го имаме.

Подготвила: Билјана Здравковска