Курц: Отворањето на границите за бегалците пред пет години беше грешка

68

Австрискиот канцелар Себастијан Курц во интервју за германската новинска агенција ( ја нарече грешка одлуката на Ангела Меркел да ги отвори границите за бегалците пред пет години.

– Јас бев против политиката на отворени граници уште од самиот почеток. Политиката на отворени граници не само што придонесе за голем број луѓе да се насочат кон Европа, туку исто така доведе до огромно преоптоварување во многу делови на Централна Европа – рече австрискиот канцелар Курц, кој служеше како министер за интеграција на Австрија во времето на бегалската криза.

Тој рече дека поради политиката на отворени граници, шверцерите со луѓе заработиле огромни суми и дека во исто време безброј луѓе ги загубиле своите животи обидувајќи се да го преминат Медитеранот.

Австрискиот канцелар потсети дека поради неговиот став во тоа време, тој бил нападнат и туркан во „ултрадесничарскиот агол“, но дека тој, како тогашен министер за интеграција, бил свесен дека интеграцијата зависи од бројот на новодојденците.

– Среќен сум што пет години по бегалската криза, Европа има сосема поинаква политика – рече Курц.

Тој го отфрла предлогот на Германија за реформа на системот за азил во рамките на ЕУ, кој предвидува прифатни центри на надворешните граници на Европската Унија, од каде бегалците би биле преместувани во земјите членки.