Кројачи станаа лажен симбол на кризата во „Дојче банк“

314
Кројачите кои беа помешани за отпуштени банкари на „Дојче банк“

Отпуштени работници на „Дојче банк“ низ светот беа забележани како заминуваат со своите лични работи на почетокот на неделава, пренесува австралискиот портал „Њуз“.

Во Лондон беа забележани двајца мажи кои носеа костуми во рацете, за кои се веруваше дека се отпуштени од банката. Светските медиуми и социјалните мрежи масовно ја споделуваа нивната фотографија како симбол на отпуштањето.

Но, тие биле погрешно идентификувани. Иан Филдсинг-Калкут и Алекс Рајли, всушност, се кројачи кои работат во „Филдинг енд Николсон тејлоринг“, а се нашле на местото сосема случајно. Тие носеле костуми за проба на група од високи кадри во банката, кои не биле воопшто засегнати од отпуштањата, пренесе „Фајненшл њуз“.

– Беше вистинска случајност што сите помислија дека сме отпуштени работници од банката. Ние ги носевме костумите за да бидат пробани – вели Калкут, сопственик на кројачката фирма.

„Дојче банк“ во неделата најави дека се повлекува од глобалниот пазар на акции и затвора 18 илјади работни места. Ова е едно од наголемите масовни отпуштања уште од големата финансиска криза во 2008 година.

„Дојче банк“, исто така, е поврзана и со скандалот со Џефри Епстајн, американскиот финансиер кој беше обвинет за сексуално искористување на малолетни девојки. Германската банка, која и самата е цел на истраги во последните години, ја затвори сметката на Епстајн на почетокот на годинава. 

Исто така, Одделот за правда на САД води истрага за „Дојче банк“ поврзана со скандалот на „Малезија Девелопмент Берхард“, а работи на тоа да открие дали банката  ги прекршила законите за корупција и перење пари, овозможувајќи на малезиската фирма да подигне 1,2 милијадри долари во 2014 година. В.Т.