Криминална група во Амазонија исекла 9.000 дрвја постари од 100 години

97

Полицијата изврши рација во десетина пилани во бразилската прашума Амазонија, при што уапси околу 30 лица обвинети за вмешаност во нелегална сеча на шума.

Во криминалната група на уапсени има дрвосечачи, производители на мебел и возачи, како и јавни службеници кои примале мито, се наведува во полициското соопштение, пренесува „Ројтерс“.

Пиланите се наоѓаат во близина на Манаус, главниот град на Амазон, најголемата бразилска држава во прашумата.

Фотограф на „Ројтерс“ бил сведок кога вооружената полиција запленила индустриски пили и камиони и повеќе од илјада кубни метри дрва.

За 10 месеци, криминалната група незаконски исекла повеќе од 9.000 дрвја постари од 100 години.

Уништувањето на шумите минатата година беше најголемо во последните 11 години, а од почетокот на годината, од јануари до април, беше повисоко за 55 проценти во однос на истиот период лани. Околу 99 проценти од уништувањето на шумите во Бразил минатата година беше нелегално.