„Крикот од пеколот“ се надвисна над вжештената Европа

249
Топлотниот бран предизвика шумски пожари во Шпанија

Франција се подготвува за рекордно високи температури на југот, а две лица починаа во Шпанија, додека Европа и понатаму се соочува со топлотниот бран, пренесува „Гардијан“.

Метеоролозите се обидуваат на досетливи начини да ја опишат алармантната ситуација, во нивните извештаи за топлотниот бран. „Инферно, или пеколот, доаѓа“ напиша на Твитер, шпанскиот метеоролог Силвија Лапалана. Нејзиниот колега од Франција Рубен Халали, ја спореди метеоролошката мапа на Франција, со познатата уметничка слика „Крик“ од Едвард Мунк.

Четири региони во јужна Франција денеска прогласија итна црвена фаза. Тоа е првпат оваа мерка да зафати толку голема територија. Можно е температурите да се искачат и над 45 степени Целзиусови во внатрешноста, со што ќе се надмине францускиот копнен рекорд во регионот на Монпелје и Ним од август 2003 година, кој изнесуваше 44 степени Целзиусови. Експертите посочуваат дека рекордните температури се должат на досега незабележан висок атмосферски притисок.

Повеќе од 100 училишта беа затворени и од родителите беше побарано да не ги пуштаат децата да излегуваат од домовите. Сите тестови беа презакажани за наредната недела.

Седумнаесетгодишно момче во Шпанија почина утрово од топлотен удар, откако му се слошило додека работел во село во провинцијата Кордоба во Андалузија. На момчето му се слошило откако влегло во базен за да се разлади од високите температури. Докторите не успеале да го спасат и тој починал во болница.

Втората жртва е 80-годишен маж од градот Валјадолид, кој почина синоќа откако колабирал веројатно поради топлотен удар. Две други лица завршиле во шпанските болници поради топлотни удари.

За денеска во Шпанија се најавени температури до 42 степени Целзиусови. Од шпанската метеоролошка станица прогласија црвена фаза во делови на Каталонија, Навара и Баскија.