Кремљ: Русија нема никаква врска со политичкиот скандал во Австрија

119

Русија нема никаква врска со политичкиот скандал во Австрија, каде што беше емитувано компромитирачко видео со лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата (ФПО), Хајнц Кристијан Штрахе, што доведе до растурање на владејачката коалиција, соопшти Кремљ.

-Тоа е приказна која нема, ниту може да има некаква врска со нас, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Штрахе поднесе оставка од функцијата потпретседател на австриската влада и лидер на ФПО по видеото поради кое е осомничен за обид за корупција.

-Не можам да изнесам став за појавувањето на тоа видео кое нема никаква врска со Русија, ниту со претседателот (Владимир Путин) или Владата. Не знам која е таа жена на снимката ниту дали е руска државјанка или со руско потекло, рекол Песков.

Олигархот кој се споменува во видеото е Игор Макаров, пренесува руското издание на „Форбс“ и додава дека тој е син единец и со тоа не може да биде во сродство со жената на снимката.