Кремљ е уверен дека ништо не може да ги наруши односите меѓу Русија и Србија

169

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова изјави дека снимката за наводниот руски разузнавач,е само последна во низата провокации.

– Сега доаѓа средба на врвот меѓу Путин и Вучиќ и ние сме навикнати една недела или неколку дена пред ваквите состаноци да се појават интересни приказни, некакви сензации. И, тогаш времето минува и сето тоа завршува и се утврдува дека се работело за евтина провокација. Со ова видео треба да се занимаваат оние на кои тоа им е наменето, а за пошироката јавност е очигледна задачата поставена од авторите на овој таканаречен филм – тоа е провокативна акција, обид да се испровоцира соодветно расположение кај луѓето пред цела низа на разговори, средби, посети. Вакво нешто веќе имаме видено. Во последната година можам да наведам десетина слични случаи кога или пред посети, разговори, самити или веднаш потоа, се одвиваа слични провокативни приказни, хибридни гестови, лажни вести – рече Захарова.

Според неа, прво мора да се потврдат информациите кога е снимено видеото, кој е прикажан на снимката и кој го монтирал. Во врска со случајот денес се огласи и Кремљ преку портпаролот Дмитриј Песков.

Кремљ е уверен дека ништо не може да ги наруши односите меѓу Русија и Србија, и покрај тоа што претседателот Александар Вучиќ отвори истрага за снимката која наводно покажува како руски агент му дава пари на припадник на српските безбедносни служби.

На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како руски разузнавач, наводно, му дава пари на високопозициониран српски службеник. Видеото го објави бугарски новинар, а автентичноста на снимката и идентитетот на рускиот агент, кој работел во Амбасадата на Русија, го потврди Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Министерот за одбрана, Александар Вулин, рече дека ситуацијата е многу сериозна, а претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за денеска закажа итна седница на Советот за национална безбедност, по која се очекуваат повеќе информации.