Кремљ го негира тврдењето на Мајкрософт за нови руски хакерски напади

56

Кремљ денеска го негираше тврдењето на американскиот компјутерски гигант Мајкрософт дека хакери поврзани со руските власти се мешале во претстојните конгресни избори во САД. Според Мајкрософт, 84 интернет страници поврзани со група руски разузнавачи во изминатите две години биле искористени во обид да се навлезе во компјутерските системи на двете најголеми партии во САД, како и на конзервативни тинк тенкови.

– Не знам за какви хакери зборуваат и за какво мешање во изборите се работи. На кого мислат? Какви докази имаат за овие нивни заклучоци?, изјави денеска Дмитриј Песков, портпарол на рускиот претседател Владимир Путин, прашан за обвинувањето на Мајкрософт.

Според Мајкрософт, се работи за хакерската група Фенси Беар, позната и по имињата АПТ28 и СТРОНЦИУМ, која е обвинета за хакерски напади врз Демократската партија на САД во 2016 година, со кои дојде до доверливи информации за злоупотреби на демократите, кои придонесоа за поразот на Хилари Клинтон во соочувањето со Доналд Трамп. Групата се сомничи и за хакерски напади врз изборната кампања на Емануел Макрон, врз НАТО, германскиот Парламент и низа други организации.