Кремљ: Бришењето руски сајтови од Фејсбук „мириса“ на цензура

310

Бришењето на профилите на Фејсбук на повеќе руски медиуми е непријателски чин, кој „мириса“ на цензура, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Изјавата на Песков претстава реакција на соопштението на Фејсбук дека избришал стотици руски профили и сајтови поврзани со т.н. „фабрика на тролови“, која американските власти ја обвинуваат за ширење на лажни политички содржини со цел да влијаат врз претседателските избори во САД во 2016 година.

Песков порача дека Русија ги следи активностите на Фејсбук и изразува жалење поради таквата постапка на социјалната мрежа.

Осврнувајќи се на информациите дека Вашингтон планира да воведе санкции кон некои руски олигарси, Песков истакна дека Кремљ ќе чека да види дали таквите најави навистина ќе се остварат, па дури потоа ќе го изнесе својот став.

Според овие информации, САД планираат во текот на оваа недела да воведат санкции кон руски олигарси поради наводното мешање на Москва во американските избори во 2016 година.

Тој потег би се надоврзал на одлуката на Вашингтон од 15 март кога беа воведени санкции кон 19 поединци.