Кралот на кокаинот од Милано избега од затвор во Уругвај

477

Италијанецот Роко Морабито (52), кој е познат мафијашки бос, избега од затвор во Уругвај, каде чекаше екстрадиција за во Италија, објави државниот министер за внатрешни работи, а пренесе Би-би-си.

Морабито и три други затвореници избегале преку отвор во кровот на зградата на затворот вчеравечер и ограбиле локална фарма за да се стекнат со пари, стои во изјавата на уругвајското МНР.

Уругвај привати да го екстрадира озлограсениот трговец на дрога, кој е познат како „крал на кокаинот“ во Милано, назад во Италија.

Осомничениот Морабито е прв човек на мафијата Ндрагета и е еден од најбараните бегалци во Италија уште од 1995 година. Тој беше уапсен во 2017 година во Пунта дел Есте, кадешто една декада живеел со лажен идентитет.

Седиштето на Италијанска мафија Ндрагета се наоѓа во Калабрија, јужна Италија, и се верува дека контролира околу 80 отсто од трговијата со кокаин во Европа.

– Вознемирува фактот што сериозен криминалец како Роко Морабито, шеф на Ндрагета, успеа да избега од затвор во Уругвај, чекајќи екстрадиција во Италија – изјави министерот за внатрешни работи на Италија, Матео Салвини. Тој додаде дека ќе продолжи да го „лови“ Морабито и ќе успее да го стави зад решетки.

Полицијата вели дека Италијанецот е одговорен за шверц на стотици килограми кокаин од Бразил во Италија. Тој беше уапсен во септември 2017 година во хотел во Монтевидео, но живеел во луксузна вила во близина на ресортот Пунта дел Есте, источно од главниот град.

За Роко Морабито во моментов има црвена тревога од Интерпол, поради припадност на криминална организација која работи со меѓународен шверц на дрога од 1988 до 1994 година.