Крадци облечени како полицајци украле повеќе од 700 килограми злато во Бразил

176

Група крадци облечени во полициски униформи украле повеќе од 700 килограми злато во вредност од 32,2 милиона долари на аеродром во Сао Пауло, Бразил, објавија локалните медиуми.

Осум маскирани крадци вчера влегле во товарниот терминал со два полициски автомобила, се наведува во извештај објавен од тамошната полиција. Потоа вооружените разбојници ги принудиле вработените на аеродромот да ги наполнат камионите со злато, со помош на виљушкар.

Во текот на разбојничката акција, која траела околу две и пол минути, немало пукање, а била регистрирана и од страна на надзорните камери.

Пред грабежот крадците киднапирале 8 члена на семејствата на вработени на високи позиции во аеродромот со цел да добијат информации за пратките со злато. Златото требало да биде префрлено од Цирих во Њујорк. Иако точната украдена количина не е прецизирана, се споменуваат вредности од 720 до 750 килограми.

За време на бегството, криминалците неколкупати ги промениле превозните средства, а златото во еден момент било и во медицинско комбе за брза помош. Двете полициски возила подоцна биле пронајдени во магацин, од аеродромот оддалечен неколку километри.

Киднапираните лица по акцијата биле ослободени, без повреди.