Кој колку плаќа удел за членство во воената алијанса?

604

Трошоците за членството во НАТО под лупа и на магазинот „Ер форс“

Колку изнесуваат трошоците за членство во евроатлантската воена алијанса и колку точно проценти одвојуваат НАТО-членките од своите годишни БДП-а? Колку изнесуваат тие трошоци по жител и колку се разликува процентот на нивната партиципација во буџетот на НАТО? Овие прашања не само што се актуелни во домашната јавност туку се предмет на опсервации и опсежни анализи на меѓународната јавност, а во последно време и фокус на интерес на администрацијата на САД и претседателот Доналд Трамп.

Дел од одговорите на овие прашања деновиве пронајдовме во американскиот магазин „Ер форс“, кој во своја анализа, насловена „Кој колку плаќа удел во НАТО“, забележува интересни информации и заклучоци.

Имено, магазинот забележува дека по повеќе години стагнација и намалено инвестирање на земјите-членки во одбранбениот сектор, издатоците на сојузниците за потребата во одбраната повторно се враќаат на големо и растат. Всушност, угледниот магазин, повикувајќи се на добиена статистика на НАТО пред крајот на минатата година, наведува дека само Европејците и Канада веќе ги зголемиле своите трошоци за одбраната и во последните пет години тие се зголемиле за 5,6 проценти.
– Понатаму, од 2015 до 2019 година, земјите-членки на НАТО без САД ги зголемија своите трошоци за одбраната за повеќе од 20 проценти и достигнаа неверојатни 302 милијарди долари, додека одделно американските трошења за одбраната се зголемија од 660 на 685 милијарди долари. Сѐ на сѐ, вкупните издатоци за одбраната на членките на НАТО може да достигнат до илјада милијарди долари во 2020 година. Тоа се случува и кога само девет земји-членки на Алијансата (вклучувајќи ги и САД) го исполнуваат условот за 2 проценти од БДП да се одделува за одбраната. На седум држави им недостигаат 0,5 проценти до целта од 2 проценти од БДП за НАТО, но заклучок е дека сите земји имаат зголемени трошоци и издатоци за одбраната од 2014 година наваму – пишува американскиот магазин „Ер форс“.

Во однос на инвестициите во нова техника и во одбрана, американскиот магазин посочува дека единствено Албанија и Франција како членки на НАТО од европските земји ги намалиле своите издатоци конкретно за ставката „ново оружје и опрема“.
За нас е интересен податокот објавен во магазинот што се однесува на издатоците за воениот буџет на нашите соседи и за балканските држави.

Имено, од регионот најмногу од националниот БДП за одбраната во 2019 година одвоила соседна Бугарија, 3,25 проценти, па Грција, 2,28 проценти. Потоа следуваат Турција со 1,89 отсто, Хрватска со 1,68 отсто, Црна Гора со 1,66 отсто, Албанија со 1,26 отсто и Словенија со 1,04 отсто.
Изразено по жител, за секоја од земјите од регионот тоа изгледа вака:

Албанија – 58 долари по жител
Бугарија – 267 долари по жител
Словенија – 251 долар по жител
Хрватска – 229 долари по жител
Грција – 440 долари по жител
Турција – 223 долари по жител
Црна Гора- 124 долари по жител


Македонска перспектива на трошоците за НАТО

Ако се земе предвид дека износот на БДП на Македонија последниве години се движи околу 10 милијарди евра, тогаш за НАТО ќе треба да се издвојат околу 200 милиони евра. Од нив, 20 отсто би биле наменети за модернизација и опрема, поточно за купување оружје од постарите земји-членки производители на оружје.
Секако, издатокот за членството во Алијансата ќе се менува секоја година, во зависност од движењата на БДП.

Апроксимативно, според актуелните бројки на БДП и бројноста на населението, ако Македонија е членка на НАТО, секој граѓанин на земјава треба да учествува апроксимативно со 100 евра за годишното членство во Алијансата.
Во меѓувреме, министерката за одбрана Радмила Шекеринска во изјава на оваа тема истакна дека буџетот за одбрана во 2020 година ќе изнесува 10,1 милијарди денари, односно буџетот за одбраната ќе зафати 1,4 процент од БДП. Во тој контекст е и информацијата дека првпат 20 проценти од тоа ќе бидат наменети за опремување и модернизација на армијата, што е и обврска и од членството во НАТО.