Кој го хакирал телефонот на најбогатиот човек на светот?

91

Саудиска Арабија ги отфрли како апсурдни пишувањата на „Гардијан“ дека го хакирала телефонот на сопственикот на „Амазон“ и на „Вашингтон пост“, Џеф Безос.

Повикувајќи се на неименувани извори, „Гардијан“ вчера објави дека Безос бил цел на хакери пет месеци пред убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во 2018 година во саудискиот конзулат во Истанбул.

Според весникот, телефонот на Безос бил хакиран откако примил порака преку Ватсап, која била испратена од личниот број на принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Салман.

– Медиумските наводи кои сугерираат дека Кралството стои зад хакирање на телефонот на господинот Џеф Безос се апсурдни. Бараме да се спроведе истрага за да се утврдат фактите – објави на Твитер саудиската амбасада во САД.

„Гардијан“ објави дека според резултатите од форензичка анализа, пораката била кодирана и содржела податоци со вируси.

Безос, кој е сопственик на „Вашингтон пост“, до 1 мај 2018 година си разменувал пораки со принцот, сè додека на телефонот не му стигнала датотека која не ја побарал од саудискиот престолонаследник, дознава „Гардијан“ од анонимен извор.

За неколку часа биле преземени голем број податоци од телефонот на Безос, но, како што наведува „Гардијан“, не се знае содржината на истите.

Ова откритие може да доведе до повторно отворање на истрагата за активностите на Бин Салман и неговите блиски соработници пред убиството на Кашоги, кој беше новинар во „Вашингтон пост“.