Кој го спаси спасителот?

599

Британецот Џош Братчли кој беше дел од спасувачкиот тим што успеа да го спаси фудбалскиот тим кој беше заробен во пештера во Тајланд, минатата година, пред два дена остана заглавен во пештера во сојузната држава Тенеси во САД, јавува Си-ен-ен.

Нуркачот од Британија остана заробен откако не успеа да излезе од пештерата што ја истражуваше со уште четири колеги, информираа од Агенцијата за менаџирање на вонредни ситуации од округот Џексон.

Специјализирани тимови на нуркачи биле повикани од Арканзас и од Флорида за да ја спроведат оваа, како што тие рекле, технички многу тешка акција за спасување. За помалку од половина ден, спасувачите го извлекле Братчли од пештерата.

Заробениот нуркач бил свесен и ориентиран, според спасувачите, и се смета дека нема да има никакви последици по неговото здравје по несреќата. Како што информираат спасувачите, оваа пештера била мала и тешка за оријентација, а токму физичката и менталната подготвеност и смиреност на Братчли се сметаат како главни фактори за неговото преживување.

Минатата година, токму Братчли беше дел од тимот кој успеа да ги спаси дванаесетте момчиња и нивниот тренер кои останаа заробени во поплавената пештера Чианг Раи, во северен Тајланд.