Коронавирусот ја турка еврозоната во историска рецесија

107
Владите во Унијата сe уште чекаат средства од ЕУ-планот за закрепнување од ковид-19

Последните податоци на Светска банка и на ЕК говорат дека речиси 15 земји од ЕУ имале опаѓање на БДП во просек од по 12,1 отсто, во двете тримесечја едноподруго од почетокот на корона-кризата. Најпогодена економија надвор од ЕУ во моментов е британската

Фондот за обнова од пандемијата на ЕУ засега беспомошен за Европа

Пандемијата на коронавирусот на светската економија ѝ зададе драматичен удар. Според последните податоци на Светска банка, но и според летните економски проекции на Европската комисија, Европа денес се соочува со најтешката рецесија од Втората светска војна. Економијата на еврозоната сега и официјално влегува во својата најдлабока рецесија досега по двата катастрофални квартали во 2020 година поради пандемијата на ковид-19.
Новите податоци покажуваат дека скоро 15 земји што ја користат единствената валута имале опаѓање на БДП во просек од по 12,1 отсто, во двете тримесечја едноподруго од почетокот на пандемијата. Како резултат на тоа, иако Велика Британија е надвор од Унијата таа во Европа претрпува најголема економска штета од сите други големи европски економии за време на карантинот поради коронавирусот. Ова впрочем го посочуваат и официјалните бројки на британската агенцијата за државна статистика, која неодамна соопшти дека бруто-домашниот производ на земјата од април до јуни е намален за 20,4 отсто во однос на претходниот квартал.

Британската влада во таа насока се надева дека дополнителните мерки како што е отворањето на пабовите и на рестораните ќе придонесат за поголемо закрепнување на економијата. Но со оглед на обемот на економското намалување, несомнено стапката на невработеност ќе се зголеми во наредните неколку месеци.
Во меѓувреме британската рецесија е подлабока од онаа на другите економии во Европа, особено во однос на Германија, која бележи пад на БДП од 10,1 отсто и Франција со 13, 8 отсто пад во бруто-домашниот производ. Директорот на Центарот за европски политички студии Даниел Грос вели дека проблемот во толкавиот обем на опаѓање кај БДП во ЕУ лежи во фактот што еврозоната е многу отворена економија, со тоа што извозот на стоки и услуги изнесува речиси 30 отсто од БДП на нејзините членки.

– ЕУ неодамна одобри фонд за обнова од пандемијата вреден 750 милијарди евра што вклучува прво масовно издавање европски обврзници и дополнително го зајакна нејзиниот углед со тоа што ги смири сомнежите за вредноста на заедничката валута. Но клучниот резултат за излез од моменталната економска состојба во која се наоѓа Европа и е зафатена од пандемијата, треба да бидат олабавувањето на мерките и отворањето на кафулињата, рестораните и хотелите – смета Грос. Тој додава дека субвенциите од европските влади исто така се од клучно значење за економијата на Стариот Континент.
Иако во моментов касите повторно ѕвонат во продавниците, рестораните, хотелите низ цела Европа и туристичките атракции, кои беа морничаво тивки во пролетта, повторно се заживеани и опкружени со илјадници луѓе, сепак, како што пишува „Дојче веле“, никој не знае со сигурност како ќе се развива пандемијата во текот на следните неколку месеци.
Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека 55 отсто од приватната работна сила во Франција е надвор од работните места, 45 отсто во Италија и 25 отсто во Германија, што се невидени нивоа.

Но како што наведува магазинот „Политико“ на оваа тема, наесен владите на ЕУ треба да бидат во можност да пристапат до програмата за заеми од 100 милијарди евра на Европската комисија, за да ги заштитат националните шеми за поддршка на платите и стопанствата во земјите. Шпанија во таа насока веќе објави дека бара заем од 20 милијарди евра.
Сепак според „Политико“, пакетот за обновување на економиите од 1.820 милијарди евра што го договорија владите на ЕУ во јули, кој треба да почне да се префрла во престолнините на ЕУ пред следната пролет, нема да започне поради долгата процедура што треба да помине. Тоа, како што наведува магазинот, може дополнително да ја влоши економската слика на Европа.