Кон аргументите на меѓународното право или кон аргументите на посилниот

43

Во пресрет на 75-годишниот јубилеј на меѓународната организација, кој годинава се одржува под превезот на пандемијата, ООН пред себе има исклучително тешка агенда да спроведе клучни реформи во повеќе области, меѓу кои и почитување на меѓународното право. Имено, отсуството на принципите на меѓународното право и меѓународните институции би значело уште поголема анархија во меѓународните односи

ООН на крстосница на својот 75-годишен јубилеј

Организацијата на Обединетите нации (ООН) со седиште во Њујорк, во голема мера на интернет деновиве ја одбележи својата 75-годишнина од формирањето по Втората светска војна. Годинашниот јубилеј, малку поразличен од изминатите, мина со големи предизвици за организацијата, меѓу кои се смртоносната пандемија и затегнатите односи и тензии меѓу САД и Кина, кои во исто време ја нагласија тешкотијата за постигнување меѓународна соработка на големите сили за заедничките глобални проблеми. На одбележувањето од годишнината на ООН во нејзиното седиште, беа слушнати повеќе видеопораки од светските лидери. Меѓу мноштвото пораки на лидерите, кои беа насочени кон потребата од поголема меѓународна соработка, беа и пораките дека на ОН им се неопходни итни реформи, бидејќи во моментов за време на пандемијата се создава нова прераспределба и рамнотежа на силите во светот, која може да ги разниша дополнително меѓународните односи. Меѓу позвучните видеопораки што беа упатени беше и онаа на германската канцеларка Ангела Меркел, која во своето видеоизлагање ги истакна заслугите на ОН, но истовремено ги истакна и потребите од реформи, пледирајќи за проширување на Советот за безбедност.

– Советот за безбедност на ОН многу често е блокиран во моменти кога е потребно донесување јасни одлуки, потребни ни се реформи – гласеше клучната порака во видеообраќањето на германската канцеларка Меркел. Во видеото канцеларката не штедеше критики кон државите што ги блокираат одлуките во светското тело, иако таа не ги спомена поименично Русија и Кина, како ни американскиот претседател Доналд Трамп, кој доста често претпочита еднострани чекори наместо меѓународно заедничко решавање на конфликтите.
Во меѓувреме, покрај пораките на светските лидери за реформирање на ООН и нејзините тела, повеќе аналитичари и експерти за меѓународни односи сѐ поотворено се согласуваат со тие ставови. На пример, мнозинството надворешнополитички експерти во една анкета на американски „Форин полиси“ нагласуваат дека се неопходни промени во ООН и особено во Советот за безбедност (некои сметаат дека треба да се зголеми бројот на постојани членки со Индија како прва кандидатка, а други сметаат дека треба да се напушти системот на вето и да се замени со мнозинскиот принцип). Какви и да бидат конечните реформи, тие се неопходни бидејќи во момент кога се создаваат нова прераспределба и рамнотежа на силите во светот, отсуството на меѓународните институции би значело уште поголема анархија во меѓународните односи.

– Седумдесет и пет години од создавањето на ООН, светот мора да го оживее повторно тоа верување и да се посвети на мултилатерализмот што го бара тој. За време на пандемија излегоа сите слабости и разлики во функционирањето на организацијата и нејзините тела. Нејзина реформа е неопходна – вели Жозе Антонио Кампо поранешен заменик-секретар на ОН.
Со ваквиот став се согласуваат и домашните познавачи на меѓународните односи. Поранешниот амбасадор Огнен Малески вели дека реформи на ОН се неопходни, бидејќи во момент кога се создава нова прераспределба и рамнотежа на силите во светот за време на пандемијата, отсуството на принципите на меѓународното право и меѓународните институции би значело уште поголема анархија во меѓународните односи.
– Одамна се зборува за системски промени во ООН каде што дел од нив се „технички“ во однос на функционирањето на Советот за безбедност и преостанатите тела. Но во исто време има и делови во организацијата што треба да подлежат на посуштински зафати. На светот му треба лидерство, а она што го гледавме деновиве за време на пандемијата беше практично индивидуално снаоѓање на државите – вели Малески. Поранешниот амбасадор додава дека времето кога е создадена организацијата од она сега е сосема различно. Според него, минати се 75 години и светот драматично е променет, а со тоа треба и ООН да прифати промени.

– Несомнено е дека покрај сите слабости што излегоа на површина периодов, ОН имаат и слабеење во одредени сегменти во својот систем, и тоа во однос на почитувањето на меѓународното право. Можам да истакнам дека многу ретко се почитуваат меѓународните договори, а сѐ функционира по принципот каде што има сила правдината е тешко достижна. Сепак, и покрај сѐ, сакам да истакнам дека треба да се создаде реформирана институција што доследно ќе се грижи за спроведување на меѓународното право и ќе има мандат и механизми да се спроведува истото тоа. Но на крајот на краиштата сакам да додадам дека и вакви какви што се Обединетите нации се полезни за светот, бидејќи можеме да замислиме каков би бил светот доколку не би постоела организација од ваков тип – додава Малески.


Пендаровски: ООН ќе биде ефикасна онолку колку што ќе ѝ дозволат државите членки

Покрај светските лидери, кои се обратија за време на специјалната сесија на ООН посветена на 75-годишнината од основањето на таа организација, се огласи и претседателот Стево Пендаровски со своја видеопорака. Претседателот Пендаровски истакна дека формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото и нагласи дека организацијата може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе ѝ дозволат.
– Формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото. Но нашата организација може да биде ефикасна онолку колку што државите членки ќе ѝ дозволат – истакна Пендаровски.